Преку регистрација на возила проневерени над 2 милиони евра

Објавено:

Три лица се уапсени, а шест физички и три правни лица добија кривични пријави, откако полицијата спроведе акција во Скопје во која е сузбиена криминална група осомничена за проневера во службата, перење пари и несовесно работење. Кривичните дела се направени преку шема за крадење на парите што граѓаните ги плаќале за регистрација на возила.

При претреси на повеќе локации во Скопје биле приведени три лица, а полицијата запленила околу 27.735 евра, 38.500 денари, 750 швајцарски франци и 100 долари, како и повеќе мобилни телефони и две возила.

Според полицијата, главноосомничениот, сопственик на фирма од Кучевиште овластена за технички преглед на возила, во периодот од 2021 до јануари 2026 година наводно изготвувал лажни извештаи за наплатени надоместоци при регистрација на возила. На тој начин, според истрагата, се стекнал со противправна имотна корист од 138,8 милиони денари, односно околу 2,25 милиони евра.

Полицијата сомничи дека во шемата биле вклучени и три лица од осигурително брокерско друштво, вработен во фирмата за технички преглед, сметководител и помошник-директор за финансии во Јавното претпријатие за државни патишта.

Според пријавата, дел од средствата биле префрлани меѓу сметки на различни правни лица и прикажувани како позајмици, а со дел од парите биле купувани недвижности.

Најголемата штета, според полицијата, е направена кон Јавното претпријатие за државни патишта – 48,4 милиони денари, потоа на Црвениот крст му припаѓаат 1,4 милиони, на Министерството за животна средина 5,5 милиони, а на Буџетот и општините повеќе од 83 милиони денари.

Акцијата ја спровеле Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и Единицата за брза интервенција, под раководство на ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција.

Последни објави