Управата за финансиска полиција, во координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, приведе неколку лица осомничени дека сториле кривични коруптивни дела.
Од финансиската полиција информираат дека акцијата произлегува од предистражна постапка насочена кон откривање и документирање на повеќе кривични дела од областа на финансискиот криминал и корупцијата. Од таму наведуваат дека постојат основи на сомнение дека тие дела се извршени од службени лица и други лица кои го искористиле своето влијание, општествена положба и углед со цел стекнување противправна имотна корист од големи размери.
И од Основното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) попладнево ја потврдија информацијата.
„Под координација на ОЈО ГОКК, Управа за финансиска полиција спроведува акција поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела од коруптивна природа. Акцијата уште трае“, информираат од ОЈО ГОКК.
Управата за финансова полиција исто така соопшти дека, во текот на денешниот ден, овластени службени лица од Управата постапувајќи по наредби издадени од судија на претходна постапка во координација и под раководство на надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, спроведуваат претреси на домови, деловни простории и лица на повеќе локации.
Надлежните институции засега не соопштуваат повеќе детали за конкретната акција.


