Романија тврди дека повторно соборила дрон во нејзиниот воздушен простор

Објавено:

Романија соопшти дека втор ден соборила дрон кој влегол во нејзиниот воздушен простор над ретко населена област во близина на границата со Украина.

Првиот дрон, за кој романските истражители рекоа дека е руски, беше соборен од Романија во петок 24 јули, за прв пат по десетици повреди на воздушниот простор.

Претседателот Никусор Дан на социјалните мрежи објави дека вториот авион бил соборен во 8:30 часот наутро, 10 километри западно од градот Сфанту Георге во близина на делтата на Дунав.

Министерството за одбрана соопшти дека нарушувањето на воздушниот простор е откриено со радар во 8:22 часот наутро и дека два борбени авиони Ф-16 биле подигнати.

Министерството не објави детали за потеклото на дронот од саботата.

Романија, која дели граница од 650 километри со Украина, соопшти дека руски беспилотни летала влегле во нејзиниот воздушен простор околу 30 пати, откако Москва почна да ги напаѓа украинските пристаништа како дел од нејзината инвазија на соседната земја што започна во 2022 година.

Во мај, руски беспилотен авион се урна во станбена зграда во југоисточниот романски град Галац во близина на границата со Украина, при што беа повредени две лица.

Ова беше прв случај густо населена област да биде погодена и да има повредени во земја членка на НАТО откако трае војната во Украина, пишува Ројтерс.

Началникот на Генералштабот на романските вооружени сили, Георгита Влад изјави дека руските напади врз регионот околу украинското пристаниште Одеса се зголемиле пред сезоната на жетва, зголемувајќи го притисокот врз клучните енергетски и трговски патишта во Црното Море.