Австрија се противи на „забрзано пристапување“ на Украина во ЕУ

Објавено:

Австрија се изјасни против забрзаното пристапување на Украина во Европската Унија, а австриската министерка за европски прашања, Клаудија Бауер, го критикуваше претседателот Володимир Зеленски, објави агенцијата ДПА.

„Мојот впечаток е дека во последните неколку месеци, украинскиот претседател честопати привлекуваше внимание сакајќи да го диктира датумот за пристапување во ЕУ. Забрзаниот пристап по барање очигледно не е можен “, изјави Бауер за неделното издание на весникот Велт.

Таа објасни дека постои обврска внимателно да се разгледа способноста на ЕУ да прифаќа нови членови.

„Пристапувањето на Украина, со своите 39 милиони жители и сосема поинаква земјоделска структура, значително би ја променило ЕУ“.

Министерката, исто така, предупреди на опасноста од создавање „општество во два слоја“ како последица на пристапувањето.

„Сите земји-кандидатки, вклучително и Украина, мора да ги следат истите правила и да го заработат пристапувањето преку сопствени напори“, додаде Бауер.

ЕУ ги започна преговорите за пристапување со Украина кон средината на јуни оваа година.

Порано оваа година, Зеленски повика на пристапување во ЕУ уште во 2027 година и покрај раширениот скептицизам во некои европски земји.

Европската комисија и повеќе земји-членки сакаат Украина што побрзо да напредува во преговорите, имајќи ја предвид безбедносната ситуација и стратешкото значење на земјата. Сепак, Европската унија нагласува дека процесот останува базиран на „мерит-системот“, што значи дека секој следен чекор зависи од спроведувањето на реформите и усогласувањето со европското законодавство.

Украина треба постепено да ги отвора и затвора сите преговарачки кластери, кои опфаќаат повеќе од 30 поглавја од правото на ЕУ. За секој кластер постојат јасно утврдени мерила што мора да бидат исполнети пред да може привремено да се затвори.