В понеделник, Украина и Молдавија ќе ги отворат пристапните преговори со Европската Унија од првиот кластер што се однесува за фундаментални вредности и правосудство. Црна Гора, пак, ќе затвори две поглавја.
Европската Унија направи голем чекор напред. Сите земји-членки се согласија да го отворат првиот кластер од преговорите за пристапување на Украина и Молдавија“, објави претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта доцна во петокот.
Првиот кластер ги вклучува поглавјата: фундаментални вредности и правосудство; јавни набавки; статистика; правда, слобода и безбедност. Овие поглавја се всушност ’рбетот на пристапниот процес и се први што се отвораат и затвораат во рамки на процесот на пристапување.
ЕУ официјално ги почна пристапните преговори со Украина и Молдавија во јуни 2024 година, но отворањето на првата фаза од разговорите со Киев беше блокирано од унгарското вето. Процесот почна повторно да се движи напред по падот на власта на поранешниот премиер на Унгарија, Виктор Орбан, во април.
Новиот унгарски премиер, Петер Маѓар, минатата недела соопшти дека е постигнат договор со Киев за зајакнување на правата на етничкото унгарско малцинство во соседна Украина, што како услов беше поставено од Будимпешта.
Претседателите на Украина и Молдавија, Володимир Зеленски и Маја Санду, го поздравија најавеното отворање на првиот кластер.
Кога е во прашање Црна Гора, која е најнапред во процесот на преговори од Западен Балкан, в понеделник ќе одржи меѓувладина конференција при што земјата ќе затвори преговорите за поглавјата за слобода на движење на работниците и за заштита на потрошувачите и здравјето.
Црна Гора досега затвори 14 поглавја од преговорите со ЕУ и планира да ги затвори сите до крајот на оваа година.


