За учениците почеток на учебната година, но за семејствата дополнителен финансиски трошок за семејниот буџет. Септември е месец за ранци, училиштен прибор, нови патики, облека…
Сосема очекувано, книжарниците се полни со родители и деца кои со список в рака, ги купуваат потребните материјали.
Мерката на Владата ги намали цените на приборот за 10 до 15 проценти, но и покрај тоа дел од родителите коментираат дека цените се превисоки.
„Па кога една тетратка стана 80, 90 па дури и100 денари? Па се инсистира тетратката да биде А4 формат. Зошто? Па некој нема ни од 50 денари да купи. Списокот со потребните материјали е толку долг, што се двоумам дали ќе купиме се што ни бараат“, коментираат дел од родителите за Колегиум.мк
„Јас воопшто и не приметувам дека има намалување на цените. Лани купував поквалитетна тетратка за 70 денари, сега истите од тој тип се 85 денари. Не знам што се случува. До пред некоја година имаше пристојни, добри ранци за 1000 денари, сега се 2500 денари таквите. Не знам уште колку ценовни шокови ќе доживееме“, се жали Ирена, мајка на средношколец.
„Единствена добра работа е што барем учебниците не ги купуваме, ама па какви добивме подобро да не ви кажувам. Вежбанки и работни тетратки секако ќе треба ние да си купиме“, вели Милан, татко на двајца ученици во основно образование.

Владата ги задолжи трговците на големо да ги намалат цените на училишниот прибор за најмалку 10%, додека пак трговците на мало се задолжуваат да обезбедат намалување од најмалку 15%. Заклучно со 30 септември, трговците се должни покрај новата, намалена цена на производот, да ја прикажат и старата цена која важела на 1 јуни 2026 година, зашто токму оваа цена се зема како базична врз основа на која се утврдува намалувањето.
Според нашите проценки, скромна, но реална училишна кошница за едно дете чини околу 3000 денари. Ако на тоа се додадат нови патики, облека и друга опрема, се стигнува до сума од 7.000–12.000 денари по дете. Таа цифра може да биде поголема доколку се купуваат брендирани производи кои вообичаено се поскапи.

Училиште плус приватни часови – нов товар за родителите
Но, новата учебна година носи плус трошоци. Во таа пресметка ќе влезат и редовните месечни одливи за курсевите по странски јазик, спорт или за приватните часови по различни предмети.
На социјалните мрежи деновиве повторно се актуелни огласите за приватни часови по одреден предмет.
Еден час може да чини од околу 300 до 800 денари, а четири часа месечно за еден предмет се дополнителен трошок кој во просек се движи од 1200 до 3200 денари.
Инаку трошоците доаѓаат во период кога домашните буџети се веќе под притисок поради континуираните ценовни поскапувања.
Синдикалната минимална кошница за август 2026 година изнесува 68.675 денари, додека последната објавена просечна нето-плата за март изнесува 48.433 денари.
Тоа значи дека само подготовката за училиште за едно дете може да претставува дополнителни 16 до 31 отсто од една просечна нето-плата. Кај семејство со две деца, септемвриските трошоци можат да достигнат и половина просечна плата или повеќе.
Од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) порачаа дека не е доволно да се намалат цените на поскапените производи, туку да пораснат и платите, додавајќи дека „европските“ цени подразбираат и „европски плати“.
Владата прогнозира раст, родителите гледаат трошоци
Овие пресметки пак, не се совпаѓаат со владините економски показатели кои се оптимистички. Оттаму стигнуваат најави за економски раст меѓу 3,5 и 4 проценти и продолжување на мерките за подобрување на животниот стандард.
„Очекувам трендот на раст да продолжи на бруто домашниот производ. 2025 година ја завршивме со 3,5% раст на БДП, а номиналниот беше над 8% и бевме во првите 5-6 земји во Европа.
Оваа година планираме до крајот на годината растот на БДП да биде помеѓу 3,5 и 4%, значи тој континуиран раст на БДП реален да продолжи, а номиналниот да се движи околу 8%“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Тој истакна дека она што е предизвик повеќе е фактот што овој раст на БДП и овие податоци се случуваат во период кога растот на европската економија е помал од 1% на годишно ниво, а нас најголем трговски партнер ни е токму Европска Унија.
И додека Македонија трета година по ред воведува „училишна кошничка“ и ги намалува цените на одреден училишен прибор за најмалку 15 отсто во малопродажба, соседите имаат и поинакви модели на помош. Во Белград, на пример, учениците добиваат по 20.000 динари годишно (околу 10 000 денари), исплатени во четири рати, додека Косово обезбедува субвенции за учебници и училишни материјали за учениците од прво до деветто одделение.
Во Грција годинава цените на основниот училишен прибор генерално остануваат на приближно исто ниво како минатата година. Според пишувањата на грчки медиуми, основниот прибор за ученик од пониските одделенија чини околу 100–120 евра, без ранец, торба за храна и шише за вода.


