Филипче најави закон за нулта толеранција на корупцијата, ВМРО-ДПМНЕ го повика да почне од себе

Објавено:

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави Фронт за вистина и правда во кој се вклучени различни општествени групи и политички субјекти, опозициски партии, активисти и нелвадини, обединети околу вредностите за европска Македонија.

Програмата на Фронтот се фокусира на четири столба – нулта толернација за корупција и европска правда; иднина за младите; подобар животен стандард и достоинствен живот за сите; силно село и земјоделци.

„Како иден премиер, прв закон што ќе го потпишам е законот за нулта толеранција на корупцијата, веднаш по победата на СДСМ на следните парламентарни избори. Борбата против корупцијата мора да биде системска и ефикасна, со директна вклученост на Европското обвинителство, кое ќе може да истражува случаи на висока корупција, вклучително и функционери и големи тендери“, рече Филипче денеска на прес – конференција.

Дополнително, се предвидува воведување електронска имотна декларација со проверка преку системи на вештачка интелигенција, заштита и наградување на пријавувачи на корупција, како и воспоставување јавен регистар на лица осудени за корупција. Граѓанин кој ќе пријави корупција би добил награда од 5 до 15 проценти од вратените средства, со цел целосна заштита на идентитетот и поттикнување на пријавувањето.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, му порача на Филипче да ги повика поранешните владини функционери од СДСМ, на чело со поранешниот партиски лидер и премиер Зоран Заев „да ги вратат украдени пари и да се предадат на органите на прогонот“.

„Може Филипче и тој да биде пример за останатите и нека биде прв кој тоа ќе го направи за да се истражи целата негова инволвираност во набавките на модуларните болници, каде тој лично ја правел тендерската спецификација и потпишувал анекси за зголемување на цената за 20%, кои веројатно завршиле по приватни џебови, што како таа во Тетово, граѓаните со живот ги платија“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

Во соопштението понатаму се вели дека „Филипче не мора со отворени очи да сонува да дојде на власт за да го донесе таканаречениот нивен закон за нулта толеранција на корупција и не мора да го чека европското обвинителство, прво нека ги повика штетниците во обвинителството како Ислам Абази и Катерина Коларевиќ да ја ослободат институцијата од каде што ги штитат токму криминалците на СДС и ДУИ, нешто што е многу очигледно по стопирањето на постапката за случајот „Мазут“ за сторен криминал тежок 167 милиони евра“.