Мицкоски најавува реотворање на случајот со модуларните болници, Филипче бара извинување

Објавено:

Премиерот Христијан Мицкоски ја оцени како скандалозна одлуката на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) за затворање на предметот за набавката на 19 модуларни болници во ковид-пандемијата. Меѓу нив и тетовската, која се запали и во која изгореа 14 пациенти.

Во тој период министер за здравство беше актуелниот лидер на СДСМ, Венко Филипче, кого ВМРО-ДПМНЕ постојано го прозива за овој случај. Но, Филипче сега бара и Мицкоски и партијата да се извинат на граѓаните и семејствата на настраданите бидејќи со години ширеле лажни вести и си играле со нивните чувства.

Од друга страна, пак, Мицкоски најавува можно повторно отворање на случајот.

„За случајот со пожарот во модуларната болница во Тетово, каде што изгореа 14 луѓе, секогаш може да се најдат нови докази и тој повторно да стане актуелен“, вели премиерот.

Тој повторно го „нападна“ и шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, кого досега го обвинуваа за човек на ДУИ и СДСМ. Под надлежност ова обвинителство изминативе пет години се водеше предистрагата за набавката на модуларните болници.

„За жал, обвинителот, кој е во заминување, претпоставувам своите должничко-доверителски односи кон претходната влада одлучува до крај да ги испорача и не му значи тоа што живи гореа 14 луѓе и одлучува овој процес да го стопира“, рече Мицкоски.

Мандатот на Абази привршува, а во октомври обвинителите од цела држава на непосредни избори ќе гласаат за нов шеф на ОЈО ГОКК. Одлуката за затворање на постапката за конкретниот предмет ја донесе обвинителката Верица Бержецка Крстева во чии раце последно се најде случајот. Тој беше отворен по допрен од поранешната обвинителка и шефица на ОЈО ГОКК, Вилма Русковска, а потоа извесен период на него работеше и обвинителката Елизабета Јосифовска.

Филипче, пак, оцени дека одлуката на ОЈО ГОКК е доказ за неговото некорумпирано работење досега.

„Јасно кажа обвинителството, нема злоупотреба на службената должност, нема штета на буџетот и тоа го отсликува севкупно моето работење, и во политиката и како лекар, во однос на сите функции коишто сум ги имал – некорумпирано, секогаш во интерес на граѓаните, без никаква штета за никого. Но, Мицкоски и неговата организирана криминална група, на сите прес-конференции, години, пет години зборуваат за мене дека сум убиец, ме споредуваат со доктор Менгеле, а јас спасувам животи и здравјето на граѓаните ми е на прво место. Не престанаа ни вчера. По одлуката на обвинителството го продолжија тоа и денес“, изјави Филипче.

Предметот за набавката на модуларните болници ОЈО ГОКК го отвори самоиницијативно на 10 септември 2021 година или два дена по трагедијата во Тетово.

Тендерот за изградба на модуларните болници, го доби велешката фирма „Брако“ заедно со валандовската „Ари и Том“. Преку заем од Светската банка, државата за таа намена им исплати 3,6 милиони евра. Меѓу болниците беше и тетовската каде настана пожар на 8 септември 2021 при што загинаа 14 пациенти.

По пет години предистрага, ОЈО ГОКК соопшти дека не нашло докази.

„Согласно важечката законска рамка, утврдените факти не ги исполнуваат законските обележја на кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување. Оттука, надлежниот јавен обвинител оцени дека нема основи на сомнение дека е сторено кривично дело кое се гони по службена должност, поради што нема место за натамошно јавнообвинителско постапување по предметот“, наведе ОЈО ГОКК.

Во објаснувањето зошто е затворен случајот и што се било анализирано, од Обвинителството, меѓу другото, посочуваат и на правилата на Светска банка со оглед дека била анализирана набавка беше извршена во рамки на проектот за итно справување со ковид-19 што е финансиран од оваа меѓународна институција.