ВМРО-ДПМНЕ изгуби градоначалник, победник во Брвеница е Аркин Јахији од ДУИ

Објавено:

Аркин Јахији од „Националната алијанса за интеграција“, предводена од ДУИ, е победник на предвремените избори за градоначалник во општина Брвеница.

Според податоците на Државната изборна комисија, тој освоил 4.442 гласови. Неговиот противкандидат Стојанчо Радичевски од коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, добил 4.177 гласови.

Јахију вечерва слави во Челопек, каде што се наоѓа изборниот штаб на ДУИ, а пред симпатизерите и членовите на партијата обраќање имаше и лидерот на ДУИ, Али Ахмети кој кажа дека „изборниот резултат покажува дека ДУИ е најлегитимен претставник на Албанците во земјава“.

Победата ја честитаа од ВМРО-ДПМНЕ. Премиерот Христијан Мицкоски изрази благодарност до жителите кои го дале гласот за кандидатот на „За твоја Македонија“.

„Сами против сите. Ние со изборна програма и концепт, тие со поддршката на демографијата, националната карта и по некој тројанец за одвлекување на гласови. Сепак, растот на гласови од првиот круг е јасен и чист од 3000 на 4200, а во однос на парламентарните избори имаме раст од 1300, но за жал недоволно за целосна победа“, напиша тој на социјалните мрежи.

Генералниот секретар Драган Ковачки изјави дека изборниот исход е резултат на гласовите на дијаспората, односно луѓето кои не живеат во Брвеница, туку дошле само за да гласат.

„Би сакал да им честитам на противниците кои остварија победа во овој изборен циклус. Некогаш против бројките не се може. Успеаја да донесат доволно луѓе однадвор кои не живеат тука, туку надвор од државата, но гласаа за ДУИ“, изјави вечерва Ковачки.

Инаку изборниот ден помина во мирна атмосфера, а беше регистрирана голема излезност. На вториот круг од гласањето излезноста беше поголема за околу 10 % во однос на првиот круг.

До 18:30 часот гласале 8 595 избирачи, односно 52,9 отсто. Одзивот е повисок за 6,32 процентни поени во споредба со вкупните 46,58 отсто од првиот круг. Вкупната излезеност од првиот круг беше надмината уште до 17 часот, кога гласале 7 902 избирачи, односно 48,64 отсто од запишаните избирачи.

Предвремените локални избори во Брвеница беа распишани по ненадејната смрт на претходниот градоначалник Јовица Илиевски. Бидејќи никој од шесте кандидати за градоначалник што учествуваа во првиот круг не го доби потребното мнозинство, се одржа втор изборен круг.

Предизборната кампања во голема мера беше насочена кон локалните проблеми- патиштата, водоснабдувањето, канализацијата, училиштата, комуналните услуги и можностите за младите.

Брвеница е општина која се наоѓа во Полошкиот регион, која до 1996 година беше составен дел од Општина Тетово. На пописот во 2021-та, во Брвеница се попишани вкупно 18.319 лица од кои 13.645 се резидентно население.

Од резидентното население, најбројни се Албанците – 7.737, Македонци се 5.715. Остатокот се од други етнички заедници или се лица за кои нема податок за етничката припадност.