Софија извиси, Бургас ќе биде домаќин на „Евровизија 2027“

Објавено:

Бургас ќе биде домаќин на Евровизискиот натпревар за песна 2027, објави Бугарската национална телевизија(БНТ).

Двете полуфиналиња ќе се одржат на 11 и 13 мај 2027, a финалето на 15 мај.

Четири бугарски градови изразија желба да бидат домаќини на Евровизија 2027 и ги поднесоа своите апликации. Тоа беа Бургас, Варна, Пловдив и Софија. Постапката беше отворена во јуни, откако Бугарската национална телевизија одржа информативен состанок со претставници на четири општини кои изразија интерес за домаќинство на натпреварот.

При изборот биле земени предвид техничките можности на салите, транспортната инфраструктура, хотелските објекти, безбедноста, како и способноста на градот да прими десетици илјади гости, делегации и претставници на медиумите од целиот свет.

Како јавен радиодифузен сервис, член на ЕБУ (Европска радиодифузна унија) и домаќин на Евровизија 2027, БНТ има водечка улога во подготовката и организацијата на натпреварот во партнерство со ЕБУ.

Се очекува Евровизија 2027 да привлече илјадници посетители, претставници на меѓународни медиуми и милиони телевизиски гледачи од цела Европа и пошироко.

Бугарија победи на последното, 70 издание на Евровизија, со песната „Бангаранга“ на 27 годишната Дара.

Ова е прва победа за Бугарија во историјата на Евровизија.