На повеќе локации во Скопје се спроведува акција поврзана со повеќегодишна предистражна постапка за Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), соопшти Обвинителството за организиран криминал и корупција.
Во акцијата се вклучени и Управата за финансиска полиција и Министерството за внатрешни работи.
Медиуми јавија дека е приведен Илчо Ѓорѓиоски, поранешен претседател на ФФМ, поради незаконско работење.
Повеќе информации од Обвинителството најавија за во тек на денот.
Во април, Основното јавно обвинителство соопшти дека и поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија, Мухамед Сејдини, се гони за проневера во службата поврзана со пари наменети за стадионот „Билјанини извори“ во Охрид.
Овие активности за кои се гони Сејдини се случувале непосредно пред неговото заминување од челната позиција во Федерацијата. На крајот на декември 2024 година, функцијата ја презеде тогаш новоизбраниот претседател Месар Омерагиќ.
Тој досега имаше остри критики кон поранешното раководство, а дел од најсериозните ги изнесе на редовното генерално Собрание на ФФМ на 21 март годинава. Тој зборуваше дека во последниот месец од мандатот на претходното раководство биле потрошени околу пет милиони евра наменети за развој на фудбалот. Изрази сомнежи и за манипулации во врска со регистрацијата на фудбалери во земјава наведувајќи конкретни бројки – при евиденција направена во декември 2024 биле запишани 44.996 фудбалери, додека при нова пререгистрација што новото раководство ја направило во јануари 2026 бројот изнесувал 14.210 што укажува дела можеби во земјава имало околу 30.000 лажни фудбалери.
Исто така, зборуваше и за можни местења на натпревари.
По јавно изнесените сомнежи, Колегиум.мк се обрати и до УЕФА, но оттаму одговорија дека нивната пракса е да не коментираат за истраги или за постоење на потенцијални истраги и тој пристап го имаат за „цел да го зачуваат интегритетот на сите тековни истражни процеси“.


