Министерството за внатрешни работи(МВР) продолжува да повикува на информативен разговор лица од чии профили вчера се повикуваше да не се пие водата во Скопје поради присуство на бактерија, што беше демантирано од градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, од ЈП „Водовод и канализација“ и од Министерството за здравство.
„Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи презема соодветни мерки и активности, се утврдуваат профилите на лицата и истите се повикуваат на информативен разговор. По завршување на истражните дејствија соодветно ќе ја информираме јавноста“, соопшти МВР.
Информации за наводно присуство на опасната бактерија Escherichia coli („ешерихија коли“) во скопскиот водовод се раширија преку социјалните мрежи и за кратко време предизвикаа страв и паника кај граѓаните.
Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски на прес-конференција на 12 август рече дека водата во Скопје е безбедна за пиење и нема „ешерихија коли“ или други бактерии.
“Не постои ништо такво и јас одговорно тврдам ние имаме една од петте најдобри води и извори во Европа. И одговорно тврдам и стојам позади тоа. Јас не сум монструм кој ќе дозволи макар еден живот на моите сограѓани да биде загрозен“, рече Ѓорѓиевски.
Според него, станува збор за ширење злонамерни дезинформации и создавање хистерија.
Според Кривичниот законик креатори на лажни вести поврзани со болест и оние кои свесно ги пласираат во јавноста се подложни на кривична одговорност.
Согласно членот 205, став 5 од Кривичниот законик „тој што ќе ја загрози сигурноста на друг со лажна закана за пренесување или со ширење на невистинити тврдења за постоење на неизлечлива заразна болест ќе се казни со парична казна или затвор до шест месеци“. Доколку истрагата утврди пак, дека дезинформациите потекнуваат од вработени во градските власти или јавните претпријатија кои ја искористиле својата позиција за пласирање непроверени информации, доаѓа во предвид и дополнителна кривична одговорност за злоупотреба на должноста каде казните исто така се затворски.
Паниката во Скопје доаѓа откако во јули беше прогласена епидемија во Гостивар поради неисправност на водата откако во неа влегувала отпадна вода и фекалии. Над 3.000 жители од Гостивар во јули побараа лекарска помош поради стомачни тегови.
Надлежните отворија и истрага во која како осомничени се раководството на гостиварското претпријатие задолжено за градскиот водовод.



