Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на прес-конференција пред новинарските камери пиеше вода од чешма за да докаже дека таа е исправна за пиење и во неа нема никакви бактерии.
Ова следува откако од утрово меѓу скопјани се рашири паника дека во водата од скопскиот водовод е пронајдена бактерија ешерихија коли.
Ѓорѓиевски демантираше и оцени дека ова е сериозен напад и вештачко креирање криза израмнувајќи ја со терористички чин.
„Освен ова што е организиран напад од опозицијата генерално – не мислам само на СДСМ, тука мислам и на онаа сателит партија што често му помага на Социјалдемократскиот сојуз, овој организиран напад за ширење на хистерија според мене е рамно на терористички напад. Од утринава се сублимираат сите профили, и лажните и приватните, а се припадници на опозициските партии и уредно во текот на денот ќе бидат доставени до МВР каде барам да се постапи соодветно против истите. Ова е организиран напад за ширење на хистерија кај граѓаните во Градот Скопје“, рече градоначалникот на Скопје.
Градоначалникот вели дека уште вчера до него стигнала информација дека од „одредени центри“ ќе се ширела паника за наводна бактерија во водата.
„Политички разбирам да има одредени инсинуации и обиди да се нанесе политичка штета, но со ваква работа да се игра и да доведуваат во паника, е недозволиво … Јас имам повеќе од 200 пораки на вознемирени сограѓани. Ова не е политика, за ова ќе има жесток напад од наша страна, толеранција и попусти нема да има“, рече Ѓорѓиевски.
На прашање од новинарите дали го нашле изворот на дезинформацијата, Ѓорѓиевски одговори дека од синоќа по полноќ „детектирале една госпоѓа“ која ваквата порака ја раширила во 3о-тина групи онлајн. Не даде повеќе детали, освен дека е симпатизер или активист на една опозициска партија.
„За оваа работа не можам да тврдам ништо, освен дека политички мотивирани се сите овие напади за хистерија … Може да се прашате и која политичка партија ја ширеше паниката за депонија кај изворот Рашче …“, зборуваше Ѓорѓиевски на прес-конференција.
На прес-конференцијата него друштво му правеа и директорот на „Водовод и канализација“ Иван Митровски, раководителката на лабораторијата за санитарна контрола во ова јавно претпријатие, како и претставници на Град Скопје.
Претходно и Митровски во изјава за Колегиум.мк, демантираше дека во водата има бактерија.
„Водата во Скопје е технички исправна, нема потреба за паника“, рече тој во изјава за Колегиум.мк.
Поради ширењето на паниката, во дел од маркетите низ Скопје започна масовно купување флаширана вода. Информациите за бактерија во водата бргу се раширија низ социјалните мрежи, како и во групи со родители во училишта и градинки. Дел од родителите во градинки се организираа и да купуваат и однесат флаширана вода.
Меѓу информациите беа и тие дека се зголемил бројот на граѓани со стомачни тегоби на Инфективната клиника, за што пак, директорот на оваа болница, Фадил Цана рече дека нема таков податок.
„Тоа што можам ја да го кажам како директор на Инфективната клиника, е дека на клиниката немаме такви податоци дека причина за некое гастроинтестинално нарушување има пациенти пријавени, зошто тоа нели по постапка дијагностичка мора да биде ова пријавено. Засега има нормално зголемен број, со оглед на горештиниве. Бројот е зголемен, но, не е над нормалата во споредба со претходните години, тука е, во очекуваниот раст“, изјави Цана претходно одговарајќи на новинарски прашања.
Според тврдењата на надлежните, за безбедноста на водата во Скопје се води секојдневна грижа. Како што тврдат градските власти, преку лабораторијата во „Водовод и канализација“ на дневна основа се прават по 36 анализи на вода односно испитувања на примероци што се земаат од различни локации секој ден.
Паниката во главниот град доаѓа откако во јули беше прогласена епидемија во Гостивар поради неисправност на водата откако во неа влегувала отпадна вода и фекалии. Над 3.000 жители од Гостивар во јули побараа лекарска помош поради стомачни тегови.
Надлежните отворија и истрага во која како осомничени се раководството на гостиварското претпријатие задолжено за градскиот водовод.



