Министерот за здравство Сашо Клековски, директорката на Институтот за јавно здравје Марија Андоновска, директорот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Кирил Лазов и директорот на Центарот за јавно здравје Тетово, Шпенди Амети се функционерите против кои опозициската СДСМ поднесе кривична пријава поради загадувањето на водата во Гостивар кое настана пред еден месец.
Здравствената криза во Гостивар настана на 16 јули, и беше предизвикана од загадување на градскиот водоснабдителен систем со фекални материи и бактерии. Поради труење со загадена вода над четири илјади жители на Гостивар побараа лекарска помош, а Владата прогласи епидемија и 30-дневна државна кризна состојба на територијата на Општина Гостивар.
Од СДСМ тврдат дека постојат основани сомневања дека во периодот од јуни 2026 година до денес надлежните институции не презеле соодветни мерки за заштита на здравјето на граѓаните и за спречување на последиците од загадувањето на водата.
„Помина повеќе од еден месец, цел град Гостивар беше отруен со загадена вода. Речиси 5.000 граѓани завршија во болница. Здравствена катастрофа и тотален распад на институциите. Одговорност од власта, од здравствените институции досега нема. Од никого. А, нема ниту чиста вода во Гостивар“, наведуваат од СДСМ.
Партијата оценува дека реакциите на надлежните биле задоцнети и дека граѓаните со недели користеле вода која подоцна била поврзана со појавата на здравствени проблеми. Партијата упати критики и кон Јавното обвинителство, барајќи побрзо постапување и утврдување на евентуална одговорност кај сите инволвирани во случајот.
Во меѓувреме Обвинителството отвори истрага против в.д. директорката на ЈП „Комуналец“ Гостивар, Артана Асани, како и против уште две службени лица од гостиварското претпријатие. Тие се осомничени за тешки дела против животната средина и природата поврзани со загадување на вода наменета за пиење. Истрагата треба да утврди како дошло до контаминација на водоснабдителниот систем и дали биле преземени сите законски пропишани мерки за спречување на последиците.
Дополнително и Народниот правобранител отвори предмет по сопствена иницијатива за утврдување на околностите под кои дошло до нарушување на правото на граѓаните на безбедна и чиста вода за пиење. Институцијата препорача и Советот на Општина Гостивар да ја разгледа можноста граѓаните да бидат ослободени од плаќање сметки за вода за периодот во кој таа не била целосно безбедна за употреба.



