Водата од „Кожувчанка“ за Гостивар ги скара Владата и СДСМ

Објавено:

Владината Службата за општи и заеднички работи склучила договор за набавка на вода за пиење во вредност од 100.000 евра наменета за Гостивар, со компанијата во сопственост на градоначалникот на Кавадарци од ВМРО-ДПМНЕ Митко Јанчев „Кожувчанка“. Според документите објавени на Биро за јавни набавки, договорот е склучен со договарање без спроведување на тендер, што е овозможено со прогласувањето на кризата состојба во Гостивар.

Во понудата доставена од „Кожувчанка“ е наведено дека на 24 јули годинава по покана од Владата доставиле понуда за набавка на пивка негазирана вода за пиење по цена од 12 денари за шише од литар ипол. Договорот е склучен истиот ден кога е доставена и понудата на 24 јули, покажува документот од Биро за јавни набавки. Одлуката за спроведувањето на тендерот била донесена на владина седница на 21 јули, денот кога беше прогласена кризна состојба од времетраење од 30 дена на територијата на Гостивар поради здравствената криза која настана со загадувањето на градската вода.

Опозициската СДСМ ја обвинува власта дека ја злоупотребила кризата за да додели тендер на човек од нивните редови.

„Поради тендер патриотите отруена е цела Македонија а одговорни нема. Ниту еден. Граѓаните се трујат и одат по болници, институциите молчат и доцнат со реакција. Ништо не функционира освен бизнис зделките на тендер патриотите. Дури и во овие моменти кога народот се труе, они тераат бизнис и профитрираат“, е наведено во партиското соопштение на СДСМ

Владата испрати демант до медиуми, посочувајќи дека соопштението претставува дрски и безобразни лаги. Во него се вели дека е точно оти тендерот без преговарање што го спроведе Службата за општи и заеднички работи го доби компанијата „Кожувчанка“. Но, причината за тоа е во цената, односно дека шише вода од 1,5 литри кое во малопродажба чини најмалку 25 денари, Владата го набавила по цена од 12,5 денари.

„Тоа е возможно затоа што компанијата „Кожувчанка“ учествува во набавката со сопствен придонес, со цел да им се помогне на граѓаните и институциите во услови на кризна состојба“, се вели во владиниот демант.

Владата не соопшти дали при собирањето на понуди за набавка на вода за пиење, поканила и други компании да достават понуда за вода за пиење.

Во владиното соопштение е наведено дека граѓаните на Гостивар ќе добиваат безбедна вода за пиење сè додека стручните лица и надлежните институции официјално не потврдат дека водата од водоводниот систем е исправна за употреба.

„Ова ветување целосно се исполнува и нема да биде доведено во прашање.Во отсуство на реални теми и аргументи, СДС повторно се служи со лаги и искривување на фактите, надевајќи се дека ќе ја доведе јавноста во заблуда“, се вели во владиното соопштение.

Здравствената криза во Гостивар настана на 16 јули, и беше предизвикана од загадување на градскиот водоснабдителен систем со фекални материи и бактерии. Поради труење со загадена вода над четири илјади жители на Гостивар побараа лекарска помош, а Владата прогласи епидемија и 30-дневна државна кризна состојба на територијата на Општина Гостивар.