Обвинителството по допрен глас ќе истражува загадување кај Рашче

Објавено:

Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје оформи предмет по допрен глас за да ги провери информациите за енормно загадување на природата со отпад во заштитеното подрачје во близина на изворите Рашче.

Од изворите Рашче со питка вода се снабдува главниот град Скопје.

„Надлежен јавен обвинител ќе ги координира активностите на Државниот инспекторат за животна средина и надлежните инспекциски служби со цел да се извршат проверки во однос на потеклото на депонијата, како и можните последици. Доколку бидат утврдени елементи на кривично дело против животната средина и идентификувани сторители, јавното обвинителство ќе постапи согласно надлежностите за кривичен прогон“, велат од ОЈО Скопје.

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска (12 август) на прес-конференција информираше дека депонијата се чисти и оти во текот на денешниот ден ќе објави дополнителни информации за тоа.

aleksandar-sasa-dimitrijevik-rasce
Александар Саша Димитриевиќ, генерален секретар на СДСМ / Фото: СДСМ

Вчера, за загадувањето кај Рашче реагираше опозицискиот СДСМ оценувајќи дека станува збор за нова закана за чиста вода за пиење.

„Околината на изворот од кој со вода се снабдуваат Скопје и 25% од граѓаните во Македонија е затрупана во депонија. Стравотна е оваа слика што ја објави наш познат новинар. Страшно е тоа што го гледаме тука на терен. За оваа катастрофа, не му треба на ВМРО и градоначалникот Орце Ѓорѓиевски дрон – еве каква е состојбата … катастрофа! Тотален хаос“, рече генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, на прес-конференција одржана во ова заштитено подрачје.

Од опозицијата побара одговорност прашувајќи кој е одговорен за „овој еколошки геноцид“.

Градоначалникот Ѓорѓиевски, пак, денеска ги обвини СДСМ и другите опозициски структури за ширење паника меѓу граѓаните дека наводно имало ешерихија коли во водата од скопскиот водовод.

По паниката што се рашири меѓу скопјани, Ѓорѓиевски и претставници на „Водовод и канализација“ – Скопје на прес-конференција демантираа дека е пронајдена каква било бактерија во водата. Првиот човек на градот ширењето на паника и хистерија го израмни и со терористички чин, а од МВР побара да реагира и оние што ги ширеле дезинформациите да одговараат.