Водата во Скопје е технички исправна, нема потреба за паника.
Ова во изјава за Колегиум.мк го тврди директорот на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје, Иван Митровски, откако од утрово меѓу граѓаните се шири паника и загриженост дека во градскиот водовод бактерија ешерихија коли.
На оваа тема наскоро се очекува на прес-конференција информациите да ги демантираат Митровски и градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
И директорот на Клиниката за инфективни болести, Фадил Цана, одговарајќи на новинарско прашање рече дека немаат податоци дека некој има гастроинтестинални тегоби поради пиење на водата за пиење во Скопје .
„Тоа што можам ја да го кажам како директор на Инфективната клиника, е дека на клиниката немаме такви податоци дека причина за некое гастроинтестинално нарушување има пациенти пријавени, зошто тоа нели по постапка дијагностичка мора да биде ова пријавено. Засега има нормално зголемен број, со оглед на горештиниве. Бројот е зголемен, но, не е над нормалата во споредба со претходните години, тука е, во очекуваниот раст“, рече Цана.
На социјалните мрежи и меѓу граѓаните се крена паника околу исправноста на водата во скопскиот водовод. Информацијата бргу се прошири и меѓу родителите на децата што посетуваат градинки, а некои се организираа и за носење флаширана вода во градинките.



