Местото на овој народ, на граѓаните на нашата Македонија е на масата во Брисел со нив, како полноправна членка на Европската Унија, порача Мицкоски, но нема да се прифатат отстапки поврзани со националниот идентитет, рече премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на одбележувањето на 36 роденден на партијата што се одржа во Струмица.
Тој повика на издржливост и борба во процесот на евроинтеграции, порачувајќи дека „тоа нема да биде спринт, туку маратон“.
Тој испрати порака до европските институции дека очекува јасни гаранции оти нема да има нови билатерални условувања и дека македонскиот идентитет, јазик и култура се константа и неспорен факт.
„Донесете заклучок дека нема повеќе билатерални прашања, дека е константа и факт македонскиот многувековен идентитет, култура, традиција, обичаи, јазик. И дека нема повеќе никој да ја отвора таа тема. Нема цена. Нема слава, нема моќ што може да ме убеди дека без овие работи, ќе прифатиме било што. Ова е нашата црвена линија. Сите треба да не слушнат гласно и јасно. Нема пазарење со идентитетот наш македонски“, истакна Мицкоски.
Во обраќањето тој ја обвини поранешната власт, сега опозиција, дека со своите политики нанела сериозна штета на државата и на нејзиниот пат кон Европската Унија.
„Создадоа голем проблем на нашиот пат кон Европа, потпишувајќи договори што ја обврзуваат државата на нешто што никој од граѓаните не би го прифатил“- рече Мицкоски.
Според него, тие чекори биле резултат на желба за власт и опстанок на власт.
Во контекст на спорот со источниот сосед, Мицкоски посочи и на пресудите на Европскиот суд за човекови права, нагласувајќи дека правилата треба да важат еднакво за сите.
„Не може само за нас да важат договори и обврски. Или за сите или за никој“, рече тој.
Во долгиот говор, Мицкоски се осврна и на криминалот и борбата против корупцијата, велејќи дека „ивниот последен бастион се малкуте корумпирани судии и обвинители, и нив ќе ги поразиме наскоро“.
Тој најави и реконструкција на Владата што би почнала од денеска.
Северна Македонија има статус на кандидат за ЕУ од 2005 година, а уште во 2009 ѝ беше ветено дека ќе ги отвори пристапните преговори веднаш штом се реши спорот за името со Грција.
Иако спорот беше затворен во 2018 година и Атина го повлече ветото, процесот повторно заглави, но овојпат поради Бугарија. Софија го искористи правото на вето и го услови напредокот со барања поврзани со историските и јазичните прашања, како и со уставни измени за внесување на Бугарите во Преамбулата на Уставот.
Односите меѓу две држави заладија во 2020 година, кога Софија стави вето за преговарачката рамка за земјава поради спор околу јазикот, историјата и бугарското малцинство.
о посредство на европските партнери, беше пронајден компромис – Северна Македонија прифати во Преамбулата од Уставот, покрај веќе постоечките, да се додаде и бугарската заедница додека од друга страна, се задржа чистата формулација за македонскиот јазик со тоа што Бугарија даде унилатерална изјава во која го изрази својот став за ова прашање.
Со ваков компромис, на 19 јули 2022 Северна Македонија ја одржа Првата меѓувладина конференција со ЕУ во рамки на пристапниот процес. За да се одржи втората и да почнат да се отвораат поглавјата македонскиот парламент треба да изгласа уставни измени. Актуелната влада во Скопје, составена од ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ, која беше формирана во јуни 2024, пак е на став дека нема да се впушти во ваков процес додека не добие гаранции дека ќе нема нови билатерални условувања од бугарска страна.
Претходно во 2017, Бугарија и Северна Македонија потпишаа Договор за пријателство, добрососедство и соработка.
Со Грција, пак, во 2018 беше потпишан Преспанскиот договор со Република Грција по што земјава направи уставни зимени и го промени името.


