Бугарските пратеници си ги замрзнаа платите

Објавено:

Пратениците во бугарското Народно собрание ги замрзнаа своите примања на нивото од март 2026 година, јавува БТА.

Одлуката ја донесоа едногласно со 193 гласа „за“.

Сепак, нивната плата ќе остане повисока од просечната што ја земаат бугарските граѓани. Според измените, пратениците ќе добиваат основна месечна плата во висина на три просечни месечни плати на вработените по работен и службен однос во јавниот сектор.

Одлуката предвидува основната месечна плата да може да се зголемува во согласност со политиката на доходи во буџетскиот сектор, согласно одредбите од Законот за државен буџет за соодветната година.

Петар Витанов од „Прогресивна Бугарија“, еден од предлагачите на измените, изјави дека идејата за замрзнување на платите е поврзана со големите очекувања на јавноста и дека во услови на криза народните претставници треба да дадат пример.

Витанов додаде дека со измените се укинува автоматското пресметување на платите на секои три месеци и се воведува потранспарентен и попредвидлив пристап.

Останатите измени предвидуваат усогласување на одредбите што се однесуваат на работата на постојаната парламентарна комисија за превенција и спречување на корупцијата, како и на други делови од деловникот, со усвоениот Закон за спречување на корупцијата кај лица што вршат јавни функции.