Европскиот парламент го усвои извештајот за Македонија, останува спорниот текст за историските прашања

Објавено:

Со 411 гласа „за“, 120 „против“ и 120 „воздржани“, Европскиот парламент денеска го усвои извештајот за напредокот на Македонија, подготвен од известувачот Томас Вајц. Европратениците ги усвоија годишните извештаи и за Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина и Косово.

Вајц оцени дека целта на Европската Унија треба да биде полноправно членство на сите шест земји од Западен Балкан.

„Прво Црна Гора, потоа Албанија, а мислам дека следна на листата треба да биде Северна Македонија“, нагласувајќи дека повеќе земји од регионот, вклучувајќи ја и Северна Македонија, покажале напредок, кој треба соодветно да се вреднува.

„Мора да го наградуваме напредокот во регионот за да ја одржиме мотивацијата, особено во Северна Македонија“, рече Вајц додавајќи дека во земјата е потребен сојуз меѓу власта и опозицијата за спроведување на неопходните реформи.

Инаку, во рамки на гласањето беше отфрлен амандманот 3, предложен од Вајц, со кој се бараше бришење на ставот 73 од идната резолуција, со кој се повикува Историската комисија да постигне јасни резултати со тоа што ќе ја базира својата работа на објективни и автентични историски извори и документи. Текстот го вклучува и концептот на заедничка историја.

Со тоа, во резолуцијата останува референцата на Вториот протокол кон Договорот за добрососедство меѓу Северна Македонија и Бугарија.

Во извештајот се нагласува дека Северна Македонија треба да ги исполни преземените обврски поврзани со уставните измени, при што се потсетува на ставот на Советот на Европската Унија дека следната меѓувладина конференција ќе може да се одржи по спроведувањето на потребните уставни промени.

Европратениците посочуваат дека напредокот на земјата во евроинтегративниот процес останува условен од конкретни чекори и реформи, при што уставните измени се издвојуваат како еден од клучните предуслови за натамошно придвижување на пристапните преговори.

Особена загриженост предизвикуваат измените на Кривичниот законик, кои како што пишува во извештајот, создаваат перцепција на неказнивост за висока корупција, како и недоволниот број правосилни пресуди во случаи на корупција на високо ниво.

„И покрај некои позитивни реформски чекори, напредокот во реформската агенда поврзана со ЕУ, особено во клучните области како што се владеењето на правото, реформата на правосудството и борбата против корупцијата, останува недоволен. Ова се должи на изборната кампања, ограничените капацитети во јавната администрација и недостигот од континуирана политичка посветеност“, пишува Вајц во извештајот.

Инаку, во рамките на дебатата со наслов „Европска иднина за Западен Балкан“ европратениците ја потврдија поддршката за членството на земјите кандидати, при што особено беше истакнат напредокот на Црна Гора и на Албанија, но и предизвиците со кои се соочува секоја од земјите одделно.

Извештаите претходно беа усвоени од Комисијата за надворешни работи (АФЕТ), а извештајот за Србија се очекува да се најде на дневен ред на пленарната седница во јули.

Обраќајќи им се на европратениците во вторникот, еврокомесарката за проширување Марта Кос го поздрави напредокот што го постигнаа Црна Гора и Албанија и оцени дека таков напредок се очекува од сите земји од Западен Балкан.

„Денес постои прозорец на можности за напредок кон членството и ги охрабруваме сите земји од Западен Балкан да го искористат тоа“, изјави Кос и истакна дека на самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват биле потврдени јасните заложби од сите лидери во регионот дека европскиот пат останува нивен стратешки приоритет.

Таа додаде дека Европската комисија е подготвена да напредува со сите земји доколку ги исполнат реформските обврски и покажат доволно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, како и со визната политика.

О