Се подготвуваат законски измени за регулирање на користењето електрични тротинети со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот, најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во Владата на презентацијата на националниот проект „Прекинување на циклусот на насилство – системска превенција на семејно и врсничко насилство преку образовниот систем“.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе достави предлог-измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата врз основа на препораките од експертите и стручните служби на Министерството.
- „Ќе одиме со заострување на казнената политика и на регулативата во делот на управување со електрични тротинети, особено кај најммладата популација“, рече Тошковски.
- Анализите на МВР покажале дека најголем број сообраќајни несреќи со тротинети се случуваат кај лица до 17-18 години.
- „Нелегалното управување, возење по двајца или тројца, без кациги и без почитување на правила доведува до сериозни последици“, кажа Тошковски.
Тој додаде дека некои од измените ќе опфатат и зголемување на старосната граница за управување со електрични тротинети со цел да се заштитат најмладите и да се намалат ризиците во сообраќајот.
Според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата во Македонија, казните за прекршоци со електрични тротинети се движат од 50 до 120 евра во денарска противвредност.
Колкав е точниот број на електрични тротинети кои се возат во земјава нема. Тие никаде не се регистрираат ниту пак имаат обврска за технички преглед и покрај тоа што некои од земјите веќе го воведоа.


