Наведувајќи „логистички“ прашања, Белата куќа соопшти дека потпретседателот на САД, Џ. Д. Венс го одложил патувањето во Швајцарија за директни разговори со Иран, првично закажани за денеска, два дена откако претседателите на САД и на Иран потпишаа меморандум за разбирање за прекин на војната на Блискиот Исток.
„Логистиката на овие разговори никогаш не била едноставна или предвидлива“, изјави портпаролот на Белата куќа доцна на 18 јуни, објави АФП.
„Засега, потпретседателот не заминува вечерва. Со нетрпение го очекуваме почетокот на техничките разговори што е можно поскоро, “ рекоа од Белата куќа.
Не беше веднаш јасно дали почетокот на самите разговори ќе биде одложен, но новинската агенција ДПА го цитираше портпаролот на Белата куќа кој изјави дека плановите за претстојните разговори сè уште не се финализирани.
Иранската новинска агенција Тасним соопшти дека „ништо не е потврдено“ за патувањето на делегацијата од Техеран во Швајцарија. Иранските медиуми цитираа непотврдени извештаи дека Техеран го одложил испраќањето на својот тим поради тековните израелски напади во Либан.
Американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот ирански колега Масуд Пезешкијан потпишаа рамковен договор на 17 јуни, со цел да се стави крај на речиси четиримесечната војна.
Според привремениот договор, Техеран и Вашингтон имаат 60 дена да постигнат конечно решение, вклучувајќи ограничувања на нуклеарната програма на Иран и укинување на американските санкции врз Исламската Република.
Спогодбата, исто така, го вклучуваше барањето на Иран Израел да ги запре нападите во Либан. На брифинг за медиумите на 18 јуни, Венс им рече на новинарите дека 60-дневниот период за САД и Иран да постигнат конечно решение веќе започнал.
Церемонијата на потпишување првично беше предложена да се одржи на 19 јуни во Женева, при што Венс веројатно ќе присуствува во име на САД Сепак, Трамп и Пезескијан неочекувано го потпишаа Меморандумот за разбирање дигитално на 17 јуни.
Потоа вниманието се сврте кон она што се очекуваше да бидат технички разговори во Женева, каде што преговарачите ќе се обидат да го преведат Меморандумот за разбирање во детален план за имплементација.
„Средбата овој викенд во Швајцарија ќе биде доста критична“, рече висок американски функционер, додавајќи дека секој неуспех од која било страна да ги исполни очекувањата треба да стане очигледен „во рок од неколку дена или недели, а не месеци“.
Вооружениот конфликт меѓу САД и Иран започна на 28 февруари 2026 година, кога САД и Израел извршија заеднички воени удари врз Иран.Судирот се одвиваше на Блискиот Исток и траеше повеќе од три месеци пред двете страни да започнат индиректни преговори со посредство на Оман.


