Град Скопје ќе додели финансиска помош во износ од 1.200.000 денари за справување со последиците од разорниот земјотрес што ја погоди Венецуела, објави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на мрежата Фејсбук.
Во земјотресите со магнитуда од 7,2 и 7,5 степени според Рихтеровата скала што ја погодија Венецуела на 24 јуни, бројот на жртви достигна 3.535, додека повеќе од 17.000 луѓе останаа без домови.
Ѓорѓиевски вели дека Скопје добро знае што значи да се преживее катастрофален земјотрес, потсетувајќи на трагедијата од 1963 година, кога градот добил поддршка од бројни земји ширум светот, меѓу кои била и Венецуела.
„Токму затоа, денес кога народот на Венецуела се соочува со последиците од оваа катастрофа, Скопје возвраќа со човечност, почит и поддршка“, напиша Ѓорѓиевски.
Тимови за пребарување и спасување сè уште се на терен, додека во Венецуела пристигнуваат дополнителни специјализирани екипи, меѓу кои медицински и инженерски тимови. Најмалку 79 привремени центри за сместување, организирани во стадиони и спортски сали, ги згрижуваат раселените лица и дистрибуираат хуманитарна помош.


