Македонија бара објаснување, бугарското МНР негира дека од него протекол документ за патување на сопругата и синот на Мицкоски во Бугарија

Објавено:

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, вчера го повикало на разговор амбасадорот на Бугарија во Македонија, Жељаско Радуков, откако во јавноста протече документ – дипломатска нота со информации за членови на семејството на премиерот Христијан Мицкоски кои патувале во Бугарија, информираше министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска на прес-конференција.

Бугарското Министерство за надворешни работи негираше дека дистрибуирало дипломатска нота поврзана со посетата на Бугарија на семејството на Мицкоски.

Станува збор за документ во врска со неколкудневен престој на сопругата и помалиот син на Мицкоски во Пампорово, Бугарија, на почетокот на годинава.

МНР не добило објаснување за овој случај ниту од бугарскиот амбасадор, ниту од бугарското министерство за надворешни работи.

Муцунски ваквиот потег го нарече апсолутно неприфатлив начин на комуникација меѓу две држави и побара извинување и брз одговор на бугарските институции за да се реши случајот.

„Кога се во прашање движења на членови на семејства на високи државни функционери, безбедноста е прв приоритет. И на територијата на нашата држава постојано се случува да се движат и семејства на високи странски претставници и сами странски претставници некогаш и во приватен капацитет, но никогаш не се случило таков документ да излезе во јавност и доколку би се случило, првиот чекор што би го направил е јас да се извинам на таа држава бидејќи очигледно немало доволен висок степен на безбедносен капацитет во рамките на институцијата. Второ, за мене што е загрижувачки, е што излегуваат лични податоци поврзано со сопруга и малолетно дете на претседател на влада. Секако побаравме информација, разговаравме и со наши стратешки партнери по тоа прашање бидејќи сме навистина загрижени за несериозноста која доведе до една таква ситуација“, изјави Муцунски.

Според него, постои сериозна мрежа на активности на онлајн страници, на социјалните мрежи, на ботовски мрежи и портали кои се занимаваат не само со претставници на владата како индивидуи, туку се повеќе и со нивните семејства.

„Последен е случајот со јавно објавување на вербална нота, со објавување информации за малолетен член на семејството на премиерот, имаше лажни вести дека мојот дедо бил буагрски војник, тоа се истите портали кои ги шират овие лажни вести. Се гардат наративи со цела една мрежа со нашите семејства. Ние сме навикнати, нека објавуваат за нас, но барем нека ги остават нашите семејства“, кажа Муцунски.

Од бугарското МНР соопштија дека „информациите што циркулираа во јавноста во последните денови се однесуваат на вербална нота од 6 јануари 2026 година и се однесуваат на настани што одамна поминале„.

„Во моментов, оваа информација не може да се сфати како основа за заклучоци дека постои непосредна опасност по безбедноста на граѓаните на Бугарија или друга земја. Министерството за надворешни работи придава големо значење на заштитата на дипломатската кореспонденција и строго се придржува кон утврдените меѓународни правила и практики во оваа област“, соопшти Министерството за надворешни работи на Бугарија.

Мицкоски вчера реагираше дека Бугарија преку дипломатска нота открила јавно дека неговата сопруга и едниот од двата сина три дена минале во Пампорово и дека со тоа им ја загрозиле безбедноста. За ова ги информирал партнерите на Македонија во НАТО.

Видовме еден преседан во дипломатијата кога излезе една дипломатска нота за тродневен престој на мојата сопруга со мојот помал син кај наши пријатели во Пампорово, нешто што е невообичаена пракса во светот на дипломатијата и можеби единствена“, рече Мицкоски.

“Дипломатската нота за која говореше Мицкоски е допис од 6 јануари годинава со кој македонската амбасада во Софија го информира Министерството за надворешни работи на Бугарија дека сопругата и еден од синовите на премиерот ќе патуваат во Пампорово, Бугарија на 8 јануари.

Дипломатскиот документ минатата недела беше објавен на социјалните мрежи од групата „Грубовци, Ениџе Вардар – родна Македонија“. Во него, покрај датумот на патувањето, наведено е приближното време кога сопругата и помалиот син на Мицкоски ќе ја преминат границата меѓу Македонија и Бугарија, како и детали за нивното обезбедување – имињата на неговите членови, возилата со кои патуваат, комуникациските уреди и вооружувањето што го носат со себе.

Односите меѓу Македонија и БУгарија често се движат меѓу соработка и тензии, особено околу историјата, идентитетот и европската интеграција.

Во контекст на Северна Македонија, Бугарија е важна со оглед дека македонските власти сакаат гаранции дека по евентуални уставни измени ќе нема нови услови за евроинтеграциите на земјата. Со уставните измени Северна Македонија треба да ја вметне бугарската заедница во Преамбулата на Уставот. Уставните измени се дел од обврските што Скопје ги презема во компромисот што беше постигнат околу преговарачката рамка во 2022, откако претходно во 2020 Софија стави вето за почеток на преговорите. Северна Македонија одржа прва меѓувладина конференција со Брисел, но за втора и за отворање на кластерите треба да ја вметне бугарската заедница во Преамбулата од Уставот.