Трамп на три медиуми, меѓу кои и Си-ен-ен им забрани пристап до Белата куќа поради „континуирано ширење лажни вести“

Објавено:

Претседателот на САД, Доналд Трамп, соопшти дека им забранил пристап до Белата куќа на телевизиските мрежи Си-ен-ен (CNN) и Ем-Ес Нау (MSNOW) и на порталот „Политико“ (Politico), објави „Гардијан“.

Трамп на неговата мрежа „Трут соушл“ објави дека веднаш им забранува на Си-ен-ен и Ем-Ес Нау и Политико пристап до Белата куќа поради нивното континуирано ширење лажни вести.

„Со гордост објавувам дека, со моментален ефект, им забранувам пристап во Белата куќа на „Fake News CNN“, „MSNOW“ (кои неодамна го сменија името од MSNBC поради слаба гледаност и недостаток на кредибилитет!) и „Politico“ (кои добија незаконски и апсурдни 8 милиони долари за претплата – апсолутен рекорд – директно од Владата на САД под водство на „нечесниот“ Џо Бајден, само за да ги одржат „во живот“; за мене ова изгледа како корупција!), а причината е нивното постојано „известување“ со ЛАЖНИ ВЕСТИ! Медиумите не смеат постојано да пишуваат ЛАГИ кога известуваат за претседателот на САД, за администрацијата на Трамп или за Соединетите Американски Држави. Ова ќе следи и за други медиуми што шират лажни вести. Ви благодарам за вниманието посветено на ова прашање! Претседател ДОНАЛД Џ. ТРАМП“, напиша на социјалната мрежа претседателот на САД.

Тој посочи и дека ќе бидат забранети и други медиуми „кои шират лажни информации“.

Откако повторно стапи на функцијата, Трамп воведе ограничувања и за пристапот на големи традиционални медиуми до Белата куќа. Меѓу нив е и новинската агенција „Асошиејтед прес“, откако агенцијата продолжи да го користи името Мексикански Залив наместо Американски Залив во своето известување.

Пентагон исто така се обиде да воведе нови правила за медиумите со кои би се ограничила можноста на новинарите да собираат и објавуваат чувствителни информации. Медиумите кои одбија да го потпишат документот со новите правила, а подоцна федерален судија пресуди дека политиката била неуставна.

Трамп влезе и во неколку правни спорови со големи медиуми, меѓу кои „Њујорк тајмс“, „Волстрит џурнал“, „Си-ен-ен“, „Еј-би-си њуз“ и „Би-би-си“.

Последни објави