31 година од атентатот врз претседателот Глигоров: Истрага, фотороботи, но не и уапсени

Објавено:

Денес се навршуваат 31 година од атентатот врз првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров. Атентатот беше извршен со автомобил-бомба во 9.50 часот во 1995 година на улица Македонија, пред хотелот „Бристол“, во најстрогиот центар на Скопје кога Глигоров, со службено возило, се движеше од неговата резиденција кон кабинетот во Собранието.

Според тогашната истрага, во автомобил „цитроен ами 8“ беа сместени 20 килограми експлозив, активирани со далечински управувач, а пред експлозијата, службеното возило на претседателот на улицата Македонија го забавило автомобил „фиќо“.

Глигоров го преживеа атентатот со тешки последици на главата, на место загина неговиот возач Алекандар Спировски, а телохранителот Илчо Теовски беше ранет.

Истрагата утврди дека атентатот бил добро подготвен и организиран, но и после толку години јавноста не дозна кој стоеше зад атентатот.

Неофицијално, се спомнуваа луѓе блиски до бугарската „Мултугруп“ и до српското подземје, па дури „во игра“ беше ставана и српската тајна служба. Повеќемина македонски аналитичари и политичари, во поединечни настапи или интервјуа, посочуваа можни извршители на атентатот, но никогаш не беа достапни докази за таквите тези.

Во истрагата беа претресени 30.850 возила, прегледани повеќе од 15.000 објекти и легитимирани повеќе од 188.000 лица, од кои 19.000 беа претресени.

По неколкумесечно лекување, Глигоров на 10 јануари 1996 година се врати на својата претседателска дејност, а откако го заврши вториот претседателски мандат, му го отстапи местото на поранешниот претседател Борис Трајковски, кој пак трагично загина во авионска несреќа во близина на Мостар.

Глигоров беше најстариот македонски политички функционер. На 17 ноември 1999 година кога го заврши вториот претседателски мандат имаше 82 години. Почина на 94 години, на 1 јануари 2012 година.

Тој беше првиот претседател на независна Македонија и нему му се препишуваат заслугите за отцепувањето на Македонија од Југославија по мирен пат.