Ескалира протестот во Тирана, Рама го напушти кабинетот под силно обезбедување

Објавено:

Тензии и судири меѓу демонстрантите и полицијата имаше на синоќешниот 94 по ред антивладин протест во Тирана против планираната инвестиција во Звернец, при што беа повредени неколку полициски службеници, а премиерот Еди Рама го напушти својот кабинет под силно полициско обезбедување, јавија албански медиуми.

Албанското обвинителство за борба против корупцијата почна истрага за овој проект за луксузно одморалиште поврзан со компанијата на зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер. Проектот за луксузното одморалиште го опфаќа ненаселениот остров Сазан и неколку стотици хектари од заштитеното крајбрежно подрачје Вјоса-Нарта, кое е дом на фламинга и фоки и е место за гнездење на морски желки.

Масовните граѓански и еколошки протести во Албанија траат веќе три месеци.

„По повеќето предупредувања преку мегафони, полицајците употребија и солзавец за да ги оддалечат демонстрантите кои се обидуваа насилно да влезат во зградата на владата, кога разбраа дека премиерот Еди Рама е во својот кабинет“, објавија медиумите во Тирана.

Протестот беше поделен на два фронта. Група демонстранти беа пред кабинетот на премиерот, каде што се одржуваа говори. Во меѓувреме, главното внимание се префрли на другата група демонстранти, кои се наоѓаа во близина на еден од задните влезови на зградата и се обидоа да се упатат кон просториите на кабинетот на премиерот.

Полицијата го опколи подрачјето и го засили присуството на полицијата и со припадници на специјалната единица „Ренеа”.

Од пред владата демонстрантите се упатија кон полициската станица со барање да бидат ослободени 11 приведени поради насилно однесување.

По нивното оддалечување премиерот Рама ја напушти зградата под строги безбедносни мерки, додека зголеменото присуство на силите на државната полиција остана пред владата.

Учесниците на протестите продолжуваат да ги повторуваат барањата за оставка на премиерот Еди Рама, формирање преодна влада, отстранување на „старата каста“ на политиката, укинување на измените во законот за заштитени подрачја, измена на изборниот закон.

Започнат како реакција на влијанието врз животната средина од туристичкиот проект во Звернец, учесниците сега бараат политички и институционални промени и изразуваат загриженост за корупцијата, можностите за вработување и заминувањето на младите луѓе од земјата.

За време на протестите, фламингото стана симбол на демонстрантите кои носат розови надувани птици и транспаренти со натпис „Фламинго револуција“

Проектот за ресортот што го поддржува го осмислиле Кушнер и неговата сопруга Иванка Трамп, кои, како што рекле, пред неколку години за време на патување со брод ја засакале Албанија. Рама тогаш ги запознал и ги оценил како „многу пријатни, скромни… добри луѓе“.

Денес инвестиционата фирма на Кушнер, Affinity Partners, е вклучена во проект вреден 1,4 милијарди евра во близина на заштитеното подрачје Вјоса–Нарта, како и во уште еден проект на блиското острово Сазан.

Протестите започнаа кон крајот на мај кога локацијата во близина на Вјоса–Нарта беше оградена со бодликава жица за време на работите на пристапниот пат и други подготвителни активности. Во судирите со приватното обезбедување беа повредени неколку демонстранти, а незадоволството потоа се прошири и во Тирана.

Последни објави