Учебната година утре ќе ја почнат 238.000 ученици, од кои 174.000 основци и 64.000 средношколци. Пристигнати се податоци за 14.952 запишани првачиња и 16.932 ученици во прва година средно, кажа министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на денешната прес конференција.
Новата школска година ќе почне со 433 паралелки помалку во училиштата – 222 во основното образование и 211 паралелки во средното. Поради тоа што немаат запишано ученици, од септември привремено се затвораат 26 подрачни училишта. Вкупниот број на празни училишни објекти во државава, претежно во руралните средини е 148.
„Негативниот тренд поттикнува и реорганизација на училишната мрежа и работата на училиштата. Процес за кој се заложивме во изминатите неколку месеци е оптимизација на паралелките во постојните училишта, што значи спојување на помалите паралелки една со друга или приклучување кон поголемите, а во интерес на учениците – да бидат во поголемо друштво, да можат подобро да се социјализираат и да се натпреваруваат. Не е тајна дека со години опстојуваа, на пример две паралелки со по два ученика на иста возраст и во исто училиште. Сега таквите ги обединивме и затоа во образовниот систем ќе имаме 433 паралелки помалку годинава“, рече Јаневска.
- Обезбедени се учебници за сите. За учениците со посебни образовни потреби, ангажирани се најмногу образовни асистенти досега – 1358 во основно и 166 во средно образование, според министерката за образование.
Од вкупно 1023 (централни и подрачни), во 620 училишни објекти ќе има едносменска настава. За воведување едносменска настава во што повеќе училишта се доградуваат училници за да се зголемат капацитетите за работа во една (прва) смена. Во моментов се доградува во 14 училишта во Центар, Карпош, Аеродром, Ѓорче, Бутел, Илинден, Гази Баба и Градско, а уште 15 проекти, рече Јаневска, ќе почнат етапно во следните неколку месеци.
Преку програмата на Владата за финансирање капитални проекти во општините, во тек е реализација на 50-ина инвестиции за изградби и реконструкции на училишта, за нови спортски сали и училишни базени.
Според пописот од 2021 година, во Македонија има повеќе старо население над 65 години (315.331), отколку млади до 14 години(311.347). Таква е состојбата во 52 од вкупно 80 општини. Најмногу од нив се во источниот регион.
Податоците во периодот меѓу двата пописи од 2002 до 2021 година покажуваат дека населението во Северна Македонија се намалило за над 200.000 луѓе.


