Нови руски напади во Украина, има загинати и повредени

Објавено:

Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека најмалку две лица загинале, а десетици се повредени во руските напади врз повеќе области во Украина во текот на ноќта и изутринава.

Зеленски на платформата Икс објави дека во Харков, при напад врз станбена зграда, се повредени 28 лица, меѓу кои девет деца, додека вториот и четвртиот кат од објектот се делумно уништени.

Според неговите информации, две лица го загубиле животот во Киевската Област, од кои едното било државјанин на Азербејџан.

Во самиот град Киев се оштетени станбени згради, комуникациска инфраструктура и бензински пумпи, целосно е уништено едно кафуле, а бил извршен и обид за напад врз пазар.

Зеленски им се заблагодари на сите земји што ја поддржуваат Украина и истакна дека на земјата итно ѝ се потребни дополнителна противвоздушна одбрана, поддршка во енергетскиот сектор, како и помош за покривање на буџетскиот дефицит.