Филипче ја обвини „Платформата 12.05“ за дејствување по налог на Мицкоски, оттаму возвратија дека тој не е претседател на членството

Објавено:

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче денеска (27 септември) обвини дека „мала група поранешни партиски функционери, заедно со претставници на други партии, дејствуваат за ослабување на СДСМ по налог на Мицкоски“.

По вчерашната седница на Платформата „Разговори за иднината во 12:05“ на која се приклучи и Левица, Филипче истакна дека „поранешни функционери на СДСМ седат на иста маса со луѓе од партијата Левица која истакнувала пораки против НАТО, која е проруска партија а истовремено бараат промени во СДСМ“.

„Тоа ли сакаат? Тоа ли се нивните принципи и вредносни политики? Оваа партија дала заменик генерален секретар на НАТО, а тие седат со луѓето коишто во Собрание држеа транспарент дека НАТО е убиец. Еве со кои седаа пучистите вчера. Еве со овие луѓе и со претставници на други партии бараат промена во СДСМ“, рече Филипче.

Тој го постави прашањето зошто оваа група настапува токму сега, во период кога како што рече, рејтингот на ВМРО се намалува, а СДСМ се консолидира и бележи раст на поддршката.

„Целта е да се одземе вниманието од важните прашања што ги отвора СДСМ: плановите за дата-центри и нови рудници, задолжувањето, состојбата во земјоделството, минималната плата и пензиите“, додаде тој.

Платформата 12:05: Филипче не го претставува членството на СДСМ

По денешната прес конференција на Филипче, Платформата „Разговори за иднината во 12:05“ реагираше преку писмено соопштение обвинувајќи го актуелното раководство дека не го претставува вистинското членство на партијата.

„Имаме разбирање за причините за растечката нервоза, но вакви манипулации нема да одмолчиме бидејќи сметаме дека сме должни да го заштитиме интегритетот на оние учесници на вчерашна сесија „Разговори #2“ кои не се политичари“, стои во писмената реакција.

„Венко Филипче со малата група се фракција во СДСМ. Тој не е претседател на членството туку претседател на фиктивни картички за гласање. Денес се потврди токму тоа. Со сите притисоци врз членовите, тој на прес-конференцијата собра половина раководство и стотина луѓе во публика. Тоа е помалку од еден процент од гласовите кои наводно ги освои на внатрепартиските избори. Венко Филипче нема образ за обвинувањата кои ги пласира. На пример, во неговиот Централен одбор седи Рубин Земон, човекот кој го оспорува Македонскиот великан Гоце Делчев – се вели во денешната реакција на Платформата.

Петрушевски: Во опозицијата се случува циркус

Во меѓувреме, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски го обвини лидерот на СДСМ,  Филипче, дека наместо да се занимава со проблемите во сопствената партија, вината ја бара во владејачката партија.

„Додека надлежните од власта работат на сите полиња што водат кон подобри услови во државата за секој еден граѓанин, во опозицијата се случува хаос“, изјави Петрушевски на прес-конференција.

Тој тврди дека во СДСМ има спротивставувања меѓу актуелното раководство и поранешни, но и актуелни функционери на партијата.

„Од една страна Венко Филипче и талогот на СДС, од друга страна поранешни функционери на СДС, но и актуелни се поставуваат контра Филипче“, изјави пратеникот.

Петрушевски порача дека ВМРО-ДПМНЕ нема намера да се меша во внатрешните односи во СДСМ.