Пратеникот и портпарол на Левица, Амар Мециновиќ денеска во изјава за медиумите објасни зошто прифатиле да учествуваат на настан организиран од Платформата „Разговори за иднината во 12:05“ сочинета од актуелни и поранешни функционери на СДСМ.
Тој посочи дека како опозициска партија, Левица има одговорност да разговара со различни опозициски елементи во општеството, во услови на економско деградирање и крајна неказнивост меѓу раководствата на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
„Фокусот на денешната трибина е што ни се случувало во изминатите 35 години. Но, како претставници на една нова политичка генерација, нас не нè интересираат и наредните 35 години. Сметаме дека во оваа држава имаме за што да живееме и имаме за што да се бориме. Нашите животи треба да продолжат овде, како и животите на поколенијата што доаѓаат по нас. Во моментот кога сите ние заедно како општество ќе одлучиме дека следните 35 години мора да бидат поинакви, тогаш може да започне и нивното поинакво градење. Македонија е уништувана ден по ден и затоа ден по ден мора повторно да се гради“, рече Мециновиќ.
Додаде и дека Левица има позиции што го застапуваат македонскиот работник, особено во услови кога, како што смета тој, „десничарската влада на ДПМНЕ спроведува политики на штета на работникот и обичниот човек“.
На прашањето дали Левица очекува реакции од СДСМ поради присуството на трибината, Мециновиќ одговори дека СДСМ претставува колосално разочарување за македонските граѓани во изминатите три децении.
„Во Македонија не функционира ништо како што треба да функционира, единственото нешто што функционира е повторно и повторно да имаме неказнивост помеѓу раководствата на ДПМНЕ и СДСМ. Ние како Левица имаме одговорност пред граѓаните, а не пред СДСМ“, потенцираше тој.
Мециновиќ посочи и дека Левица е парламентарна партија со јасни позиции и сопствен политички легитимитет, поради што има обврска да разговара со различни опозициски елементи за потенцијално мобилизирање на одговор против актуелната власт.
„Проблемот е што ова настанува откако е веќе јасно дека СДСМ нема намера да се бори против раководството на оваа власт“, рече тој.
Како примери ги посочи локалните избори од минатата година, за кои тврди дека Струмица му била „подарена“ на ДПМНЕ, како и вториот круг за Град Скопје, кога постоела можност да се создаде сериозен опозициски притисок врз ДПМНЕ, но СДСМ не застанал зад таквата борба.
Според него, разговорите со оваа Платформа не претставуваат изолиран политички настан, туку дел од поширок процес на комуникација со различни политички и општествени чинители.
Претставниците на платформата „Разговори за иднината во 12:05“, поранешните функционери на СДСМ – Игор Ивановски, Никола Ќуркчиев, Андреј Петров, Емилијан Станковиќ, Гордан Георгиев и актуелната пратеничка, а поранешна министерка, Славјанка Петровска најавија дека почнувајќи од следната недела, пред лидерот на СДСМ, Венко Филипче, ќе биде претставен план за консолидација на најголемата опозициска партија и за окрупнување на опозицискиот фронт во кој еден од условите ќе биде и негово повлекување од лидерската позиција. Доколку Филипче не го прифати ова, тогаш ќе следуваат други решенија.
Ивановски денеска изјави дека тие и Левица имаат разлики, но она во што се согласуваат е создавање на реален, вистински одржлив опозициски фронт.
Лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче во пресрет на денешната седница на Платформата обвини дека нивното барање за промени во партијата не е со чесна намера, односно дека сакаат со пуч да ја преземат и, како што изјави, се однесувале како нова „ЗНАМ“.


