Сакаат со пуч да ја преземат партијата, изјави на 25 септември лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче во пресрет на утрешната седница на таканаречената „Платформа за промени во СДСМ“ составена од поранешни функционери во партијата. Филипче обвинува дека нивното барање за промени во партијата не е со чесна намера, односно дека сакаат со пуч да ја преземат и, како што вели, се однесувале како нова „ЗНАМ“.
Тој во изјава за медиумите во оваа платформа, која бара реформи во партијата и смена на раководството, е збир од луѓе кои биле на многу високи партиски функции и молчеле кога се формирал ЗНАМ на Максим Димитриевски.
„Можеа да се кандидираат за раководство. Како тоа сега сакаат да ја преземат партијата, и тоа од кафеана, од ресторан или од хотел? Како мислат дека може така да влетаат и нешто да им припадне понатаму?“ изјави Филипче.
Ваквата реакција следува откако на 24 септември дел од претставниците на платформата на брифинг со дел од медиумите изјавија дека Социјалдемократскиот сојуз може да биде опозициска сила која ќе го обедини опозицското расположение, но не на чело со Филипче. Без него, според нив, со силно опозициско обединување би можело да се дојде и до рушење на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Во оваа група што бара промени во СДСМ се Игор Ивановски, Андреј Петров, Гордан Георгиев, Емилијан Станковиќ, но и актуелната пратеничка Славјанка Петровска. Тие сметаат дека ако го сменат Филипче, понатаму ќе може да го срушат ВМРО-ДПМНЕ, додека актуелниот лидер на СДСМ повторно ги обвини за поврзаност со актуелната власт.
За опозицискиот лидер Филипче спорно е присуството на актуелната пратеничка на СДСМ Петровска во групата со поранешните функциониери.
„Не може пратеник којшто е избран, Славјанка Петровска, на која СДСМ ѝ дал мандат, на денот на поставување пратенички прашања, наместо да биде во Собранието и да ја прашува власта, да оди таму на дебати и да се расправа за партијата којашто ѝ дала доверба да биде пратеник. Тоа се нелогичности и оттука произлегува нивната нечесна намера. Тоа е нов ЗНАМ.
Дополнително го оспорува и присуството на луѓе кои ја пишувале програмата за изборите на СДСМ.
„Луѓе коишто ја пишуваа програмата во 2024 година. Игор Ивановски со таа програма доживеа дебакл. Андреј Петров, којшто беше член на Извршниот одбор, на Извршниот одбор на партијата пред којшто Бујар Османи го презентирал францускиот предлог, и тогаш тој немал забелешка за францускиот предлог. Па сега има забелешка за мене и за моите ставови, затоа што ние зборуваме за Европа. Никола Ќуркчиев, којшто добил тендер од 1,6 милиони евра од власта. Емилијан Станковиќ е небитен“ вели Филипче.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ главно ја избегнува темата за внатрешните фракциски судири во опозицијата, но не штедат критики кон актуелното раководство и лидерот Филипче. Преку партиски соопштенија владејачката партија саркастично реагира на состојбите во СДСМ
„Од аспект на ВМРО-ДПМНЕ, вистината говори дека за нас нема подобро решение од тоа Венко Филипче да биде претседател на СДС. Го охрабруваме да не се откажува и да продолжи да го води СДСМ“, се вели во нивното соопштение.
По долги шпекулации дека ќе се појави иницијатива што ќе бара промена на Филипче и останатото раководство на СДСМ, претставниците на оваа платформа првиот состанок за кој јавно известија го одржаа во јули годинава под името „Разговори за иднината во 12 и 5“. За в сабота, 26 септември, тие најавија втори „Разговори за иднината во 12 и 5“, а тематскиот наслов ќе биде “35 години потоа…” посветен на јубилејот од етаблирањето на суверена и независна Македонија.
Инаку партиските несогласувања во опозицискиот блок почнаа по двојните претседателски и парламентарни избори во мај 2024 година кои го донесоа најтешкиот изборен пораз во историјата на СДСМ. На парламентарните избори, коалицијата предводена од СДСМ освои 18 пратенички мандати, што беше драстичен пад во споредба со претходните состави на Собранието.


