Бучковски: Внатрепартиската битка му прави сериозна штета на СДСМ

Објавено:

„СДСМ е исправен пред сериозен предизвик! Мора паралелно да бие битка на два фронта: против владејачката ВМРО-ДПМНЕ и нејзините политики, но и внатре во СДСМ со противниците на актуелниот претседател Филипче“, анализира за Колегиум.мк, Владо Бучковски, поранешен премиер и претседател на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија.

Внатрепартсиките превирања и барањата за оставка на лидерот Венко Филипче од страна на Платформата за промени во СДСМ, наречена „Разговори за иднината во 12.05“, ги оценува како сериозна штета за партијата која, како што вели, го намалува нејзиниот капацитет и кредибилитет.

vlado-buckovski
Владо Бучковски

„Според мене СДСМ нема проблем со лидерот, проблем со лидерот имаат другарите од 12.05. Претседателот на СДСМ е избран на непосредни избори од членството, а не од другарите кои се сега дел од платформата 12.05. Во ваква фактичка состојба, мора да се бараат рационални решенија. Јас лично сум против исклучување од партијата. Од секогаш сум поборник на дијалог и почитување на различните решенија. Јас одамна (уште пред 17-18 години ) заговарав понатамошна демократизација на СДСМ со непосредни избори на сите нивоа и постоење на фракции. СДСМ бил и мора да биде сојуз“, вели Бучковски.

Сличен апел до сопартијците испрати и новиот потпретседател на партијата Горан Герасимовски, кој на оваа функција беше избран на вчерашната седница на Централниот одбор на СДСМ.

„Различното мислење не треба да нè дели. Напротив, треба да нè прави посилни. Затоа што само сплотени можеме силно да се спротивставиме на режимот на ДПМНЕ“, порача Герасимовски.

Неговата порака во која акцентот е ставен на „сплотеноста“ и потребата „да се слушаме и разговараме повеќе“, доаѓа непосредно пред вторите „Разговори за иднината во 12.05“, на претставници на Платформата што бара промени во СДСМ.  

Платформата, која е предводена од поранешни високи функционери, сопартијци, интелектуалци и партиски активисти на СДСМ тврди дека не планира да биде нова политичка партија, но инсистира на оставка и повлекување на Венко Филипче, актуелниот претседател на СДСМ. Според нив, сегашното раководство нема капацитет да ги обедини сите фракции и незадоволни членови во партијата, ниту пак може да понуди победнички концепт.

Во групата што бара промени во СДСМ се поранешните пратеници Игор Ивановски, Андреј Петров, Гордан Георгиев, Емилијан Станковиќ, но и актуелната пратеничка Славјанка Петровска.

Но токму тој од кој бараат оставка, ја отфрли идејата за повлекување од лидерската позиција. Филипче ја дефинираше платформата како притисок што го слабее опозицискиот блок, додека истовремено нуди дијалог исклучиво доколку членовите се вратат и дејствуваат во рамките на органите на СДСМ. Лидерот на опопзицијата ги обвини иницијаторите дека дејствуваат за интересите на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски со цел дополнително ситнење и ослабување на опозицијата.

„Нема друго објаснување, нека се вразумат. Ова не е добро. Не само за СДСМ, не е добро за државата. Ситнење на опозицијата, на СДСМ во оваа тешка чувствителна политичка ситуација не е добро за иднината на државата“, реагираше деновиве Филипче.

Оваа иницијатива беше протолкувана и како обид за создавање сценарио слично на движењето ЗНАМ, со обвинувања дека зад неа стојат амбиции за лично престројување и одвлекување на гласовите на СДСМ. За потсетување, на парламентарните избори во мај 2024 година, движењето ЗНАМ (кое го формираше дотогашниот долгогодишен функционер на СДСМ Максим Димитриевски), освои 6 пратенички мандати, директно одземајќи значаен дел од традиционалното гласачко тело на СДСМ.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ главно ја избегнува темата за внатрешните фракциски судири во опозицијата, но не штедат критики кон актуелното раководство и лидерот Филипче. Преку партиски соопштенија владејачката партија саркастично реагира на состојбите во СДСМ, порачувајќи му на Филипче „да не се откажува и да продолжи да го води СДСМ“, алудирајќи дека под негово раководство опозицијата останува слаба и без реална понуда за граѓаните.

Битка за единство или за превласт пред избори

Јасен политички концепт, јасно дефинирана политичка цел и поголема активност на терен. Овие, според политичкиот аналитичар Џељал Незири треба да бидат приоритетите на кои треба да се фокусира Социјалдемократскиот Сојуз за, како што посочува, повторно да биде релевантна опозициска сила.

„Мислам дека тие треба најпрвин да имаат јасен политички концепт, што сакаат, како ја замислуваат државата и што е нивната крајна политичка цел. Мислам дека тоа тука е замаглено, не се знае за што всушност се залага СДСМ. И како второ, партијата како да е сконцентрирана само во Скопје и во Скопје нема толку контакти, не е видлива на терен со структурите, со гласачите и затоа мислам дека овие две аспекти се најголем проблем на СДСМ“, изјави за Колегиум.мк политичкиот аналитичар Џељал Незири.

Тој не е убеден дека платформата „Разговори за иднината во 12:05“ ќе предизвика поголема поделба во СДСМ. Неа, ја толкува како обид за преструктурирање на незадоволните членови во партијата и добивање на поголема моќ од таа што во моментот ја имаат.

„СДСМ веќе подолго време функционира како затворен политички субјект без капацитет да ги обедини сите фракции или помали партии кои произлегуваат од СДСМ како најголема партија од левичарската идеолошка матрица. И нормално е дека тие фракции кои орбитораат или кон други политички партии или пак досега беа политички пасивни, да бараат да се вклучат во ротацијата и нормално да се вклучат во процесот на донесување одлуки. И тоа се поврзува со можноста во пролет да имаме предвремени парламентарни избори. Потоа, не верувам дека ова е уште еден чекор кон разединување на СДСМ кон уште поголема поделба, туку обид за преструктуирање на овие групации внатре во партијата и за добивање поголема моќ од тоа што актуелно ја имаат“, вели Незири.

Инаку партиските несогласувања во опозицискиот блок почнаа по двојните претседателски и парламентарни избори во мај 2024 година кои го донесоа најтешкиот изборен пораз во историјата на СДСМ. На парламентарните избори, коалицијата предводена од СДСМ освои 18 пратенички мандати, што беше драстичен пад во споредба со претходните состави на Собранието.

Тоа отвори длабока внатрепартиска криза, а впечатокот во јавноста за пасивност и отсуство на јасна политичка стратегија поттикнаа сериозни дебати за идната насока на партијата.