Актуелниот градоначалник на Општина Центар, Горан Герасимовски од вечерва и официјално е избран за потпретседател на опозициската партија СДСМ.
Ваква најава партискиот лидер Венко Филипче даде уште на почетокот на јули, а одлуката официјално е донесена на седница на Централниот одбор на партијата одржана вечерва (24 септември) на Бихаќка.
Во објава за социјалните мрежи во која се заблагодари за изборот, Герасимовски упати порака до членството и симпатизерите дека треба да се обединат околу она што им е заедничко иако не мора секогаш исто да мислат и да се согласуваат.
„Различното мислење не треба да нè дели. Напротив, треба да нè прави посилни. Затоа што само сплотени можеме силно да се спротивставиме на режимот на ДПМНЕ. Само сплотени можеме да ги браниме нашите вредности. И само сплотени можеме повторно да ја вратиме довербата на граѓаните. Но за тоа прво мора да почнеме од себе. Да разговараме повеќе. Да се слушаме повеќе. Да бидеме повеќе меѓу луѓето. И да работиме повеќе. Нема краток пат. Довербата се гради човек со човек“, вели Герасимовски во пораката.
Покрај него, актуелни потпретседатели на партијата се и пратеничката Јованка Тренчевска и докторот Александар Трајановски кој беше кандидат на СДСМ за градоначалник на Аеродром на минатогодишните избори.
Пет нови членови на Централниот одбор
Герасимовски не е единственото кадровско решение од вечерашниот состанок на раковдоството на опозициската партија. Во Централниот одбор на СДСМ избрани се уште пет нови имиња, покрај постоечките, и тоа: Верица Зурзуровска, Јане Велковски, Николче Мискоски, Александар Поповски и Владимир Михајловиќ.
Поповски, исто така е избран и за член на Извршниот одбор.
Од партијата соопштија и дека Централниот одбор ги избрал и членовите на Советот на СДСМ, којшто го предводи проф. Ана Чупеска.
Покрај кадровски прашања, на седницата се зборувало и за актуелните политички проблеми во државата.
„Криминалната власт на Христијан Мицкоски и неговата организирана криминална група спроведуваат систематски грабеж, додека економијата ја носат во бездна, а стандардот на граѓаните постојано опаѓа. Бидејќи нема никаков резултат зад себе, Мицкоски ја распродава Македонија — националните богатства, земјата, водата. За власта провизиите, а за народот отров. СДСМ тоа нема да го дозволи и силно ќе се спротивстави“, порачаа од СДСМ по седницата.
Кадровски „освежувања“ додека се бара смена на раководството
Името на градоначалникот на Центар и нов потпретседател на СДСМ, пред неколку месеци се вртеше во партиските шпекулации како едно од оние што би можеле да се приклучат на групата поранешни истакнати функционери кои бараат смена на актуелното раководство на партијата. Во тој период, Филипче објави дека ќе го предложи Герасимовски да стане нов потпретседател.
Официјалниот избор и порака за обединување доаѓаат истиот ден откако платформата што бара промени во партијата денеска (24 септември) имаше брифинг со новинарите најавувајќи нова средба в сабота под името „Разговори за иднината во 12:05“.
Тие бараат смена на Филипче бидејќи сметаат дека само така СДСМ може да го обедини опозициското расположение во државата, а понатаму и да ја победи ВМРО-ДПМНЕ на избори.
Актуелниот лидер на партијата, пак, ги обвини дека соработуваат со власта со цел „ситнење“ на опозицијата.


