Собранието на Косово ја отфрли како „неприфатлива“ пресудата од Хаг за водачите на ОВК

Објавено:

На денешната седница на Собранието на привремените институции на самоуправата во Приштина беше усвоена Декларација за пресудата на Специјалниот суд за Косово во Хаг против поранешните водачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК) за воени злосторства, во која пресудата на Специјалниот суд беше оценета како „неприфатлива“, јави агенцијата Танјуг.

За Декларацијата гласаа 99 пратеници, немаше против или воздржани. На седницата присуствуваа пратеници од сите албански партии – Самоопределување, Демократска партија на Косово(ПДК), Демократска лига на Косово, Алијанса, додека пратениците од Српската листа не беа во салата.

Декларацијата иницирана од ПДК, која потоа беше координирана пред седницата во дискусија меѓу претставници на сите албански партии, оценува дека пресудата на Специјалниот суд за Косово во Хаг поранешните водачи на ОВК е донесена „нетранспарентно“, а заклучокот за постоење на заедничка криминална намера е опишан како „неприфатлив“.
Декларацијата ги повикува сите институции во Приштина да преземат сите потребни мерки за заштита на наводната „вистина за ослободителната војна на ОВК“ и повикува на развој на заедничка стратегија за таа цел.

Немири, напади врз меѓународни институции и судири со полицијата во Косово избија веднаш откако Специјализираниот суд во Хаг, на 16 септември, ги соопшти првостепените пресуди за четирите поранешни водачи на ОВК – Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи.

Поранешниот претседател на Косово, Хашим Тачи, е осуден на единствена казна од 25 години затвор, вклучувајќи го и времето поминато во притвор. Тој беше прогласен за виновен по неколку точки, за незаконско или произволно апсење и лишување од слобода, како воено злосторство, за суров третман како воено злосторство, за тортура како воено злосторство, за убиство како воено злосторство. Тачи е ослободен од неколку случаи на воени злосторства, како и од прогон, затворање и злосторства против човештвото.

Вториот обвинет, Јакуп Красниќи, поранешен претседател на косовскиот парламент, е осуден на единствена казна од 25 години. Третиот обвинет, Кадри Весели, исто така поранешен прв човек на Собранието, е осуден на единствена казна од 18 години затвор. Четвртиот обвинет, Реџеп Селими, поранешен министер за јавен ред, е осуден на единствена казна од 13 години.

Станува збор за првостепена пресуда во постапката против нив за воени злосторства и злосторства против човештвото, а времето поминато во притвор е вклучено во казната.
Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи се обвинети во Хаг за воени злосторства и злосторства против човештвото извршени во текот на 1998 и 1999 година.