Камен-темелник на националниот дата центар во 2027, во близина на Скопје

Објавено:

Зборувајќи за приватните дата центри, пак, министерот Андоновски посочи дека еден од разгледуваните проекти предвидува инвестиција од најмалку 100 милиони американски долари во првата фаза и можен вкупен износ над 500 милиони долари.

Власта не се откажува од дата центрите и работи на две полиња за ширење на оваа индустрија. Едното од нив е изградба на национален дата центар кој ќе се користи за потребите на државните институции.

Поставувањето на камен-темелник е поставено како цел за 2027 година, а веќе е утврдена и потенцијална локација во близина на Скопје.

Овие и останати детали денеска (24 септември) сподели министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, одговарајќи на пратенички прашања на собраниска седница.

Физибилити студија, како што информираше веќе е изработена и се работи на финансискиот модел како ќе биде финансирана изградбата и кои ќе бидат потенцијалните постапки. Проектот е дел од Планот за раст на Европската унија и за него се обезбедени 20 милиони евра, од кои 30 проценти се грант од ЕУ.

Вториот аспект што го потенцираше Андоновски во областа на дата центрите е дека Владата работи и во насока да создаде услови за приватни инвестиции во вакви центри за податоци.

„Приватните центри за податоци се можност за нов капитал, работа за домашните компании, специјализирани работни места и развој на ИКТ-индустријата. Националниот податочен центар, пак, е проект за модернизација и подобра заштита на државната дигитална инфраструктура“, рече Андоновски.

Според него, економската корист од ваквите проекти треба да се оценува и преку ангажманот на домашните добавувачи, развојот на инфраструктурата и можностите за македонските компании и инженери.

„Македонија има можност да учествува во овој инвестициски циклус и за нашата економија е исклучително важно да го фати овој бран заради диверзификација на економијата, високоплатени работни места, споделување знаење, нов инвестициски бран и подигнување на економијата на новото време“, рече министерот во дел од одговорот на пратеничко прашање.

Според него, веќе постои интерес за развој на големи капацитети во државата, а еден од разгледуваните проекти предвидува инвестиција од најмалку 100 милиони американски долари во првата фаза и можен вкупен износ над 500 милиони долари.

Андоновски уверува дека секоја потенцијална инвестиција во изградба на дата центар ќе мора да ги помине техничките, водостопанските, еколошките и другите законски постапки.

Дата центрите изминатиот период се една од главните теми во јавниот дискурс. Дел од опозицијата, како и граѓански активисти критикуваат и се скептични околу нивното влијание врз животната средина односно трошењето на електрична енергија и искористувањето на водата за потребите на овие податочни центри.