Министерството за внатрешни работи (МВР) информираше дека полицијата привела две малолетнички во Центар по пријава дека нападнале друго девојче и снимале со мобилен телефон.
Според информациите на МВР, вчера околу 20 часот во СВР Скопје, на подрачјето на Центар, полициски службеници од СВР Скопје лишиле од слобода две малолетнички од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека околу 18 часот пресретнале друга малолетничка и физички ја нападнале. При тоа, едната од нив физички ја нападнала малолетничката, а другата ѝ одзела лични работи и пари и ја снимала со мобилен телефон.
Врсничкото насилство, особено насилството во и во близина научилиштата е во подем. Од почетокот на 2026 година до јуни биле регистрирани 93 инциденти во 64 училишта, или приближно еден случај на секои два дена.
Од невладиниот сектор истакнуваат дека казната сама по себе не препознава ризик и потсетуваат дека образовните институции, центрите за социјална работа и здравството имаат обврска секојдневно да спроведуваат мерки за заштита, наместо како што истакнуваат, меѓусебно да ја префрлаат законската надлежност додека жртвите остануваат без стручна помош.
По еден од настаните во септември, кога беше приведено 13-годишно момче за прободување врсник во скопски Чаир, реакцијата на коалицијата „Глас против насилство“ го отвори клучниот проблем, институционалниот молк, отсуството на системска превенција и праксата на префрлање на вина кај децата, наместо преземање одговорност од надлежните служби. Организациите бараат итна истрага за сите претходни сигнали и одговорност од надлежните служби, пред трагедиите да станат непремостливи.
Од коалицијата наведуваат дека надлежните служби не смеат да чекаат насилството да ескалира до смртен исход за да покажат подготвеност за дејствување. „Глас против насилство“ повторно упати конкретни барања до Владата за темелна истрага на сите претходни пријави поврзани со случајот на 13-годишното момче и јавно соопштување на утврдените пропусти.
Нивниот став е дека по секој ваков трагичен настан фокусот погрешно се насочува кон етикетирање на малолетниците и најави за построги казни, за кои праксата покажа дека не се спроведуваат.


