Со настанот „Ѕвониме за децата“, организиран од УНИЦЕФ и Македонската берза, претставници на институциите, граѓанскиот сектор и бизнис-заедницата го одбележаа Светскиот ден на детето. Тие разговараа за потребата од поголеми инвестиции во раниот детски развој, образованието и грижата за децата. Акцијата е дел од глобална иницијатива што ја истакнува одговорноста на компаниите и инвеститорите да ги земаат предвид детските права при носењето деловни одлуки.
„Во услови кога бројот на деца се намалува, потенцијалот на секое дете е поважен од кога било“, порача Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ. Таа нагласи дека вложувањето во најраните години носи придобивки не само за децата, туку и за семејствата, жените, компаниите и целото општество.
Според УНИЦЕФ, за да се достигне националната цел од 65 проценти опфат на децата со предучилишно образование до 2032 година, потребно е да се обезбедат дополнителни 19.000 места во градинките. УНИЦЕФ посочува дека тоа бара континуирани јавни инвестиции, нови модели на финансирање и посилна соработка меѓу институциите и приватниот сектор. Притоа, не е доволно само да се зголеми бројот на места – услугите мора да бидат квалитетни, финансиски достапни и инклузивни.
На настанот присуствуваа и министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, и министерката за образование и наука, Весна Јаневска. Тие ја истакнаа важноста од проширување на пристапот до квалитетно предучилишно згрижување и образование. Јаневска порача дека правата и потребите на децата треба да бидат дел од сите општествени одлуки, вклучително и деловните и инвестициските.
Поддршката за децата, според учесниците, не завршува со отворањето нови градинки. Важни се и политиките на работното место што им помагаат на родителите, одговорните деловни практики и создавањето средина во која секое дете ќе има можност да учи, да се развива и да го достигне својот потенцијал.


