Македонската тенисерка Лина Ѓорческа испиша историја станувајќи првата Македонска што се пласира во главниот турнир на Вимблдон, кој важи за неофицијално светско првенство во тенис.
За да се најде во главниот ждреб на овој Гренд Слем турнир, Ѓорческа ја победи ривалката Лусија Бронзети, моментално 127. Тенисерка на ВТА листата, со убедливи 6:1 и 6:2.
Досега ниту еден тенисер во поединечна категорија не настапил на главен турнир на ниту еден од четири Гренд слема (Wimbledon, US Open, Australia Open. Roland Garros).
Единствениот Македонец што настапил беше Александар Китанов, но тој настапуваше во двојки.
Лина Ѓорческа е родена на 3 август 1994 година. По потекло е од Тетово и е ќерка на легендата на македонската одбојка Владимир Ѓорчески – Ципа, кој почина пред еден месец.
Ѓорческа во 2013 година беше прогласена за најдобра млада спортистка на Македонија од страна на Сојузот на спорови и Агенцијата за млади и спорт, а три години подоцна беше прогласена и за најдобра спортистка на Македонија.
Таа беше првата македонска тенисерка што воопшто и заигра во квалификации за Гренд слем турнирите – во 2016 во квалификациите на Отвореното првенство на САД (US Open) и во 2017 во квалификациите за Отвореното првенство на Австралија (Australia Open). Но, и во двата случаи не успеа да се пласира на главниот турнир.
За разлика од тогаш, по речиси една деценија, денеска успеа да се пласира на Вимблдон.


