Европските земји рушат рекорди со високи температури, расте бројот на починати од топлотни бранови

Објавено:

Топлотниот бран што ја зафаќа Западна Европа доведе до невидени температури во дел од земјите на Стариот континент. Франција го забележа својот најтопол ден досега, Велика Британија измери рекордна топлина за јуни, додека Шпанија го достигна највисокиот просек на дневна температура кој последен пат беше забележан во 1950 година.

Десетици милиони луѓе низ Европа се борат со пеколни температури, кои достигнаа речиси и до 41 Целзиусов степен во Париз поради што властите издадоа црвен аларм за делови од континентот.

Климатските промени ги зголемуваат температурите низ целиот свет – но особено во Европа. Тоа е континентот што најбрзо се затоплува – двојно побрзо од глобалниот просек, според службата Коперникус, европската програма за набљудување на Земјата преку сателити.

Ваквата ситуација за Европејците носи зголемени летни топлотни бранови, поголем притисок врз водоснабдувањето и поинтензивни пожари.

Француската служба Метео-Франс вчера регистрираше привремени максимални температури низ цела држава. Максималните се движеа од 39 до 43 степени Целзиусови низ поголемиот дел од западна Франција, а 43 беа регистрирани во регионот Поату-Шарант-Вал де Лоара. Ден претходно, во вторникот, во Писос беа забележани 44,3 степени.

Најмалку 40 лица се удавија во инциденти поврзани со топлотниот бран во Франција од четврток, вклучувајќи и шестгодишно дете кое го загуби животот на плажа во Бегл, Жиронд.

Властите, исто така, предупредија дека ризикот од шумски пожари е поголем за време на интензивна топлина.

Ретко црвено предупредување беше издадено и за делови во Велика Британија. Земјата го доживеа својот најжежок јунски ден досега во Госпорт, Хемпшир. Во среда попладне, таму беа забележани 36,1 степени Целзиусови, а прогнозите се дека денеска тие може да достигнат и до 38.

Шпанија, исто така, се соочува со горештини во последните неколку дена. Нејзината метеоролошка агенција објави дека просечната дневна температура во понеделник била 28,08 степени Целзиусови и 28,17 во вторникот – највисоката температура досега регистрирана за јуни.

Предупредувањата со црвен аларм остануваат на сила за делови од северна Шпанија, со прогнози дека максимална можна температура во Баскија може да достигне до 42 степени Целзиусови.

Во Италија, исто така, има 16 црвени предупредувања, претежно во северните и централните делови на земјата.

Смртните случаи од студ се намалуваат, расте бројот на починати од топлотни бранови

Генералниот секретар на Светска здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебреисус вчера предупреди дека екстремно високите температури претставуваат растечка закана по јавното здравје и има смртоносен потенцијал, бидејќи многу делови од светот се зафатени од топлотен бран.

„Горештините се е една од најсериозните и најбрзо растечките закани по здравјето и безбедноста што ги претставуваат климатските промени. Околу 500.000 луѓе умираат низ целиот свет секоја година од причини поврзани со топлото време“, наведе Гебреисус, додавајќи оти можат да се спречат големиот број смртни случаи.

Тој цитираше научна студија, која ги испитуваше глобалните температури и смртните случаи од 2000 до 2019 година. Истражувањето покажа дека се намалуваат смртните случаи поврзани со студ, а се зголемува бројот на починати од екстремно високите температури.

СЗО препорачува заштитните мерки да се фокусираат на ранливите групи – повозрасните луѓе, лицата со хронични здравствени состојби, бремените жени и децата, како и работниците и социјално загрозените популации.