Нови построги правила за возење тротинети наскоро треба да стапат на сила во Македонија. Законските измени денеска (25 јуни) се на дневен ред пред пратениците во неколку собраниски комисии. Тие се предложени од пратеници од владејачкото мнозинство и се очекува да бидат изгласани од законодавниот дом.
Новите правила опфаќаат забрана за малолетници да возат електрични тротинети, повисоки казни, но и одземање на овие возила од страна на полицијата.
„Со цел намалување на констатираните прекршоци сторени со електрични тротинети, се предвидува и заострување на условите под кои може да се управува ваков вид на возило и се заострува казнената политика за сторителите на прекршоците предвидени во законот, а во конкретни случаи покрај изречената глоба се предвидува и одземање на возилото“, наведуваат пратениците во предлог-законските измени.
Откако ќе бидат изгласани во Собранието, законските измени ќе стапат на сила за 8 дена од објавувањето во Службен весник.
Што се менува?
Предлогот предвидува зголемување на старосната граница за возење лесни електрични возила, вклучително и тротинети. Досега беше дозволено нив да ги возат лица со наполнети 14 година, а измените предвидуваат подигање на границата на 18 годишна возраст. Со други зборови, се забранува малолетници да возат електрични тротинети.
Се намалува и дозволената максимална брзина со која може да се вози тротинет по велосипедска патека – од 25 на 20 километри на час.
Движењето по тротоар, пешачка патека и онаму каде што може да се движат пешаци останува на 6 километри на час.
Се прецизира и забрана за превезување на второ лице на тротинет, како и дел од останатите правила на возење.
„Возачот на лесно електрично возило не смее да управува со возилото на начин на кој се намалува стабилноста на возилото и ја попречува или загрозува безбедноста на другите учесници во сообраќајот, а особено не смее да ги симнува рацете од управувачот, да се придржува за друго возило, да вози на едно тркало, да превезува, да влече или турка предмети и слично“, гласи еден од членовите што се менуваат.
Останува забраната за користење на слушалки, мобилни, таблети, смарт часовници и други електронски уреди при возење на тротинет.
А, казната за непочитување на овие правила од 50 евра се зголемува на 100 евра, вклучително и за превезување на второ лице.
Со законските измени се воведува и конкретна забрана за возење тротинети под дејство на алкохол, а предвидените казни се од 225 до 275 евра.
За дел од прекршоците се предвидува и одземање на тротинетот или друго лесно електрично возило во траење од 30 дена. Полицијата ќе може да го одземе кога ќе се направат прекршоци како: возење од малолетен возач, пречекорување на дозволената брзина, превезување на друго лице или возење под дејство на алкохол.
Воведувањето построги регулативи за возење тротинети следува по низата сообраќајќи и апели што ги упатија сообраќајните експерти изминатиот период.
Анализите на МВР, како што беше соопштено, покажале дека најголем број сообраќајни несреќи со тротинети се случуваат кај лица до 17-18 години.
Според информациите кои ги сподели Републичкиот Совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, лани вкупниот број на сообраќајни незгоди на територијата на државата каде учесници се тротинети бил 147. Во првото тримесечје од 2026 година се случиле 12 сообраќајни незгоди со учесници на електрични тротинети.


