Есенцијалната листа на лекови е обновена и на неа за првпат се наоѓаат лекови за одвикнување од пушење како што се фластерите и никотинските гуми за џвакање. На светскиот ден без тутун, министерот за здравство, Азир Алиу најави координирани активности за јакнење на услугите на здравствените установи за откажување од тутунот.
Целта на овие активности е поголема достапност на советувалиштата на локално ниво, се со цел откажување од пушење, зајакнување на системот за упатување како и континуирана поддршка на овие лица со посебен фокус на младата популација во нашата држава, рече првиот човек во здравството.
„Целта е да се зголеми достапноста на лековите, да бидат препознаени од јавноста и фармацевтските компании, а матичните лекари да ги препишуваат“, рече Азири.
Според анализите на Светската здравствена организација 14 од 100 млади луѓе во земјава користат тутун, а 9 проценти од нив користат електронски цигари. Од 2016 година досега употребата на е-цигари е двојно зголемена.
Од СЗО порачаа дека откажувањето од тутун спасува живот. Нивниот претставник Аким Али се осврна на младите кои користат нетрадиционални производи кои предизивикуваат зависност, посочувајќи дека тутунската индустрија ги „максира“ производите за да им се доближи на младите.
„Зад светлите бои, елегантното пакување и слатките вкусови лежи јасна намера да се нормализира употребата на никотин и да се создаде доживотна зависност кај младите. Ова не е прифатливо. Забранувањето на вкусовите спасува животи, бидејќи младите луѓе се намерно таргетирани. Важно е активностите за јавно здравје за намалување на зависноста од никотин да развиваат вкусови како што се нане, боровинка, лубеница, не се безопасни. Тие се специјално дизајнирани да ја маскираат суровоста на никотинот и да ги олеснат производите за употреба, особено за младите“, предупреди Али.
Според резултатите на Институтот за јавно здравје од истражувањето во 2023 година дури 45,4 проценти, од возрасната популација се изјасниле како активни пушачи.
„Исто така истражувањето коешто го правевме во сите училишта на деца на возраст до 16 години покажува висок процент. Процентот е значително над европскиот, над регионот на СЗО која изнесува 25 проценти. Дополнително загрижува и фактот што пушењето кај нас во голема мера се смета за општествено прифатлива појава, а само 17 проценти од граѓаните во Македонија изразуваат одобрување кон пушењето“, рече директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска.
Лекарите предупредуваат дека употребата на тутун е поврзана со бројни заболувања, кардиоваскуларните, хронично-белодробните заболувања, мозочниот удар, малигни заболувања промени во бременоста. Никотинот пак создава силна зависност поради што многу луѓе тешко успеваат да се откажат од пушењето.


