Администрацијата на САД ја продолжи вонредната состојба за Западен Балкан

Објавено:

Соединетите Американски Држави(САД) објавија едногодишно продолжување на националната вонредна состојба за Западен Балкан по 26 јуни 2026 година, поради тековни закани за мирот, напорите за меѓународна стабилизација и напредокот кон демократско управување.

Националната вонредна состојба за Западен Балкан е правен механизам на САД што овозможува воведување санкции и замрзнување на средствата врз поединци и групи што ги загрозуваат мирот, стабилноста и демократскиот напредок во регионот.

Одлуката е објавена во Федералниот регистар и е продолжение на режимот воведен во 2001 година. Не станува збор за воведување нови санкции, туку за проширување на постојната правна рамка што им овозможува на американските власти да преземат мерки против поединци поврзани со дестабилизација на регионот, поткопување на мировните договори, корупција или избегнување на санкциите на САД.

Трите клучни документи чие кршење е казниво, како што е наведено, се:

Дејтонски договор (БиХ): Секое поткопување на државата Босна и Херцеговина, повици за сецесија (одвојување) или соборување на државните институции се казнува.

Резолуција 1244 (Косово): Дејствијата што предизвикуваат нестабилност, насилство или го попречуваат меѓународното присуство и дијалогот во Косово се казнуваат.

Охридски договор (Северна Македонија): Амандман од 2003 година ги додаде на црната листа оние што се обидоа да го нарушат мирот меѓу македонското мнозинство и албанското малцинство.

Извршните наредби од 2021 и 2025 година ги прошируваат санкциите на САД во Западен Балкан, фокусирајќи се на корупција, поткопувањето на државите, сецесионизмот и избегнување на санкциите како закани за националната безбедност.

Овие мерки означуваат премин од повоената безбедност кон казнување на корумпираните елити и оние кои им помагаат на веќе санкционираните поединци.

„Дејствијата на поединци кои ги загрозуваат мировните и стабилизациските процеси во Западен Балкан, вклучувајќи го екстремистичкото насилство и опструктивните активности, како и состојбата што го забавува напредокот кон демократско управување и интеграција во трансатлантските структури, продолжуваат да претставуваат необична и вонредна закана за националната безбедност и надворешната политика на Соединетите Американски Држави“, пишува во документот.

Затоа, националната вонредна состојба е продолжена за уште една година и ќе остане на сила до 26 јуни 2027 година.

САД воведоа санкции кон Западен Балкан главно во два временски периоди. Помеѓу 2001 и 2004 година, тие беа наметнати поради воени злосторства, дестабилизација на државите и закана за мирот по распадот на Југославија. По подолг период со само неколку санкции годишно, овие политички мерки повторно станаа актуелни од 2021 година и главно се однесуваат на корупцијата и загрозувањето на мирот и стабилноста.