Се затвора ли полека американскиот чадор над Балканот?

Објавено:

Новата американска политика кон Западен Балкан бара поголема одговорност од земјите во регионот, а ветува помало директно ангажирање на Соединетите Американски Држави. При тоа, фокусот се префрла на економската соработка, додека традиционалната политичка и безбедносна улога се става во втор план. Во регион обележан со кревки институции и нерешени спорови, таквиот пристап носи одредени ризици, анализира Балканскиот сервис на Радио Слободна Европа.

Оваа анализа, како и уште неколку други кои се на иста линија, доаѓаат по објавувањето на мајскиот извештај на американскиот Стејт департмент во која САД објавија „крај на ерата на изградба на држави под американско водство“.

„Документот наведува дека стабилноста на регионот и напредокот на американските економски интереси таму ја прават Соединетите Држави „побезбедни, посилни и попросперитетни“. Документот неодамна беше објавен на официјалната веб-страница на Стејт департментот на САД, под наслов „Политика на Соединетите Држави за промовирање стабилност и просперитет на Западен Балкан“. Тој е поврзан со барање од американскиот Конгрес од јануари оваа година, според кое државниот секретар требаше да достави до надлежните конгресни комитети извештај за политиката на САД за промовирање стабилност и просперитет на Западен Балкан“, објави „Геопост“.

Анализи и пораки

„Она што навистина содржи (Извештајот на Стејст департментот) е јасен, безрезервен сигнал: Ангажманот на Америка на Балканот отсега ќе биде воден од безбедносни, енергетски и економски интереси“, пишува „Атлантик кансл“.

„Што всушност се смени? САД формално се откажаа од пристапот ‘демократија-прво’ и ангажман заснован на вредности, преминувајќи кон построга, трансакциска доктрина. Безбедносната соработка и спротивставувањето на руското и кинеското влијание сега се примарната призма низ која Вашингтон го гледа регионот. Економските партнерства, енергетиката, инфраструктурата, LNG и малите модуларни реактори ја заменуваат политичката условеност како ‘валута’ на односите. ЕУ целосно отсуствува од извештајот, што отвора прашања кој ќе ја води реформската агенда на регионот понатаму“, анализира „Атлантик кансл“.

Во неговата анализа, Советот се осврнува и на прашањето за импактот врз регионот.

„Оваа промена затвора една врата и отвора друга. Ерата на чекање политичко признавање и демократски критериуми за да се отклучи западна поддршка можеби отстапува место на поиздиректен, резултатно-ориентиран однос. За владите кои се подготвени да се ангажираат под овие услови, можностите се реални“.

Можни ризици

Соработничката на Американскиот институт за претприемништво (AEI), Хедер Конли, ги издвојува Босна и Херцеговина и Косово како најранливи земји – првата поради фрагментираната државна структура и етничките поделби, а втората поради постојаните несогласувања со Србија и зависноста од меѓународната заедница кога станува збор за безбедноста.

Според нејзините зборови, префрлањето на одговорноста на локалните актери без јасно лидерство и детална стратегија би можело да ги продлабочи постојните блокади и да ги зајакне националистичките и корумпирани политички структури.

Сепак, таа смета дека е време за нови пристапи.

„Сметам дека решенијата мора да дојдат и да бидат поддржани од самите земји, бидејќи тоа е најдобриот начин за напредок. Напорите на надворешните трансатлантски сили да наметнат решенија не беа успешни, иако беа испробани и од едната и од другата страна. Косово и Србија, на пример, ги искористија договорите за поттикнување на национализмот од двете страни“, истакнува Конли за Радио Слободна Европа.

Стејт департмент: Ерата на изградба на држави под американско водство е завршена

Американскиот Стејт департмент кон крајот на мај објави документ за политиката на САД кон Западен Балкан, како одговор на барањето на американскиот Конгрес. Во документот се нагласува дека е завршена ерата на изградба на држави под американско водство. Наместо тоа, фокусот ќе биде на стабилноста и партнерствата од взаемна корист, а помалку на директни интервенции за обнова или „спасување“ на регионот.

„Промовирањето на стабилноста и унапредувањето на економските интереси на САД во Западен Балкан ги прави Соединетите Држави побезбедни, посилни и попросперитетни. Администрацијата спроведува напредна политика во регионот која е фокусирана на проширување на партнерствата, спротивставување на заканите кои влијаат врз Соединетите Држави и регионалната стабилност, како и на зголемување на економската и трговската соработка. Малигните актери можат да ја искористат регионалната нестабилност на штета на интересите на САД. Инвестициите на САД во Западен Балкан во текот на изминатите неколку децении донесоа реални резултати, вклучително и цврсти и позитивни односи со сите шест земји: Албанија, Босна и Херцеговина (БиХ), Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија. Стабилноста што ја поттикнаа напорите на САД помогна да се воспостави основа која поддржува поинаков вид на ангажман на САД. Ерата на градење нации предводена од САД помина. Политиката на САД во Западен Балкан не е за спас или реконструкција, туку за стабилност и заемно корисни партнерства. Администрацијата е фокусирана на зајакнување на локалните актери самите да ги решаваат сопствените предизвици, наместо да се овековечува прекумерната зависност од меѓународна интервенција или надзор. Соединетите Држави се подготвени да помогнат таму каде што нашата вклученост е посакувана и каде што ги унапредува интересите на САД“, се наведува во мајскиот извештај на американскиот Стејт департмент.

Во документот се нагласува дека нестабилноста во регионот може да биде искористена од „злонамерни актери“ на штета на американските интереси. Се додава дека американските инвестиции во Западен Балкан во изминатите децении донеле конкретни резултати, меѓу кои и позитивни односи со сите шест земји: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија.

„Главниот столб на политиката на администрацијата е одржување на стабилноста во регионот како предуслов за постигнување други цели“, се наведува во извештајот.

Во тој контекст, САД најавуваат дека годинава планираат дијалог со Северна Македонија и Србија, како дел од напорите за развивање позитивни односи со сите актери во регионот.