Регионалната соработка и затворањето на старите спорови се клучни за стабилноста на Западен Балкан, особено во услови на брзи геополитички промени и растечка конкуренција меѓу големите сили, порача денеска Јулијан Чифу од Центарот за спречување конфликти и рано предупредување од Романија, кој зборуваше на Скопскиот безбедносен форум „Архитекти на стабилноста: безбедносниот идентитет на Западен Балкан“.
Чифу истакна дека посетите и конференциите во регионот се важни за да се следи, како што рече, еволуцијата на групирањето и капацитетот на земјите да создадат кохезија и заеднички пристап кон безбедносните предизвици.
„Заедничкиот пристап на ниво на Западен Балкан може да даде нов импулс за решенија што ќе бидат поприфатливи и полесни за управување. Светот се движи многу брзо напред, а технологијата и големите економски блокови ќе ги поставуваат правилата во 21 век“, рече Чифу.
Во однос на блокадата на Северна Македонија од Бугарија, тој оцени дека тоа не претставува директен безбедносен ризик и дека директните преговори, флексибилноста и поддршката од Европската комисија ќе бидат доволни за надминување на спорот.
Амбасадорката на Израел во Северна Македонија, Вивијан Ајзенж, која исто така учествуваше на форумот посочи дека нападот на 7 октомври 2023 година донел суштински промени во безбедносните стратегии на Израел и во перцепцијата за регионалните закани.
На 7 октомври 2023 година, Хамас и други палестински вооружени групи изведоа координиран напад врз јужен Израел од Појасот Газа, при што беа убиени околу 1200 луѓе и повеќе од 240 беа земени како заложници. Овој напад го означи почетокот на тековната војна во Газа.
Во обраќање на Скопскиот безбедносен форум, Ајзенж истакна дека една од клучните лекции е дека „никогаш не треба да се суди за противникот според сопствените вредности“, нагласувајќи дека различни актери делуваат врз основа на сопствени системи на верувања. Амбасадорката ја потенцираше потребата од диверзификација на меѓународните партнерства, вклучително и соработка со Балканот, како и на предизвиците на т.н. „медиумски фронт“, кој, според неа, има директно влијание врз глобалната безбедност и јавната перцепција.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, порача дека безбедноста и стабилноста на регионот бараат континуирани инвестиции во демократски институции, владеење на правото, економски развој и регионална соработка. Повтори дека европската интеграција останува стратешка цел на Северна Македонија и најсилна гаранција за долгорочна стабилност.
„Европската Унија не е само политички и економски проект, туку заедница заснована врз демократски вредности, солидарност и колективна одговорност“ рече тој и оцени дека земјите од Западен Балкан се соочуваат со бројни заеднички предизвици и дека само преку регионална соработка може да се зајакне колективната отпорност.
Годинашниот безбедносен форум има за цел да обедини претставници на академската заедница, државните институции, дипломатскиот кор, меѓународните организации и безбедносните експерти, со цел размена на идеи и унапредување на регионалната соработка.
Темата „Архитекти на стабилноста: безбедносниот идентитет на Западен Балкан“, го поставува регионот во контекст на современите геополитички предизвици, хибридните закани, дезинформациите, енергетската безбедност и потребата од засилена регионална соработка и отпорност.
Скопскиот безбедносен форум 2026 се одржува во време кога безбедносната дебата во Европа е обликувана од руската агресија врз Украина, растечките хибридни закани и потребата Западен Балкан да се третира не само како регион во процес на интеграција, туку и како важен дел од европската стабилност, демократска отпорност и безбедност.


