Уставниот суд в среда, на 2 декември, ќе одржи седница на која ќе избира нов претседател, иако деветгодишниот судиски мандат на актуелниот претседател Дарко Костадиновски истекува на 11 јануари следната година.
Костадиновски на колегиумот одржан на 2 ноември ги известил судиите за динамиката на претстојните состаноци и седници, меѓу кои и за точката за избор на нов претседател закажана за 2 декември.
Според Уставот, претседателот на Уставниот суд се избира од редот на судиите со мандат од три години без право на повторен избор, додека судискиот мандат трае девет години, исто така без право на реизбор.
Костадиновски за уставен судија беше избран на 11 јануари 2018 година на предлог на тогашниот претседател Ѓорге Иванов, а на претседателската функција стапи на 4 јуни 2024 година. Со завршувањето на неговиот судиски мандат во јануари 2027 година, автоматски му престанува и функцијата претседател на Судот.
Во меѓувреме, во Собранието е покрената постапка за пополнување на испразнетото место во Уставниот суд.
Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, со осум гласа „за“ и ниту еден против, ја предложи судијката од Основниот суд во Гостивар, Теодора Ефтимовска-Бојковска, за нова уставна судијка.
Според претседателот на Комисијата, Ѓорѓија Сајкоски, предлогот доаѓа по оставката на уставниот судија Гоце Наумовски, која Собранието ја констатираше на 20 јули годинава, со цел да се комплетира деветчлениот состав на Судот.
Ефтимовска-Бојковска дипломирала на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во 1995 година, од 2008 година е судијка во гостиварскиот суд на граѓански предмети, а во периодот од 2023 до 2026 година со одлука на Судскиот совет била упатена да суди во Основниот суд во Тетово.


