Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека минатата недела му рекол на рускиот лидер Владимир Путин оти би сакал да види повлекување на Русија од воената агресија против територии низ цела Европа, со надеж дека тоа би можело да доведе до брзо решение за војната во Украина.
„За време на моите разговори во Кина со претседателот на Русија, Владимир Путин, поминав многу време зборувајќи за фактот дека би сакал претседателот Путин да ја повлече сета воена агресија против териториите низ цела Европа, со надеж дека може да се постигне договор меѓу Русија и Украина, и тоа брзо“, напиша Трамп во објава на социјалната мрежа „Трут соушл“ (Truth Social).
„Навистина верувам дека ова е голема можност — илјадници луѓе гинат секој месец, ЦЕЛОСНО КРВОПРОЛЕВАЊЕ“, додаде Трамп.
Трамп често повикува на преговарачки крај на војната во Украина, но фразата „териитории низ цела Европа“ сугерира на територии надвор од бојното поле во Украина, пишува Ројтерс.
Трамп не појасни какво однесување побарал од Путин да прекине. Откако започна руската инвазија врз Украина во 2022 година, други земји повремено ја обвинуваат Русија за провокативно однесување.
Полска, која е членка на НАТО, оваа недела ја обвини Русија за намерно нарушување на полскиот воздушен простор. Естонија неодамна поврза подметнат пожар со руската воена разузнавачка служба.
Трамп минатата недела се сретна со Путин во Шенжен, Кина, на маргините на самитот на лидерите на АПЕК, како дел од дипломатските напори на неговата администрација за решавање на војната во Украина и пошироките безбедносни прашања. Тој учествуваше и на трилатерален самит со Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг.
Администрацијата на Трамп тврди дека директниот ангажман со двајцата лидери може да помогне во намалувањето на глобалните тензии, додека критичарите доведуваат во прашање дали Вашингтон врши доволен притисок врз Москва за да го заврши конфликтот.
Зетот на Трамп и дипломатски пратеник, Џаред Кушнер, во средата го пофали Путин како „велемајстор на политиката“ и „историска личност“ во интервју за поткаст со Матијас Депфнер, извршен директор на германската медиумска групација „Аксел Шпрингер“.
Кушнер оцени дека Путин покажал „воздржаност“ со тоа што се воздржал од употреба на нуклеарно оружје и покрај ризикот од драматична ескалација на војната во Украина, и додаде дека верува оти Путин сака мир и подобрување на односите со Соединетите Американски Држави.


