Повеќе од 26.000 граѓани ќе добијат поврат на над 140 милиони денари (околу 2,2 до 2,3 милиони евра) што финансиските друштва незаконски им ги наплатиле за трошоци за опомени и известувања за доцнење со отплата на брзи кредити, соопштија директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Влатко Стојкоски, и министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, на прес-конференција во Владата.
ДПИ им изрече решенија на друштвата за враќање на средствата со рокови од 30, 60 или 90 дена, во зависност од бројот на засегнати потрошувачи.
Стојкоски појасни дека граѓаните нема да мора самостојно да поднесуваат барања за поврат, туку финансиските друштва имаат обврска сами да ги контактираат клиентите и да им ги исплатат парите, а по истекот на роковите инспекторите ќе спроведат контролни надзори.
Според проценките на директорот на ДПИ, вкупниот износ за поврат би можел да достигне и близу 200 милиони денари, односно околу 3,25 милиони евра.
Инспекциските контроли во изминатите три месеци ги опфатиле сите 27 лиценцирани финансиски друштва во земјава за периодот од 2023 до 2026 година. Кај 18 друштва биле утврдени нечесни трговски практики и незаконски одредби во договорите за потрошувачки кредити, а кај 12 друштва е констатирано незаконско наплатување надоместоци за доставени известувања и опомени за доцнење со плаќањето, спротивно на Законот за заштита на потрошувачите.
Дополнително, кај два субјекта се откриени неправилности во водењето на сметководствената евиденција, за што е известено Министерството за финансии.
За утврдените прекршувања се издадени платни налози во вкупен износ од над 3,5 милиони денари, а поединечните казни по издадена мерка за едно финансиско друштво се движат од 2.000 до 10.000 евра, во зависност од видот и бројот на прекршените одредби.
Имињата на друштвата засега не се објавуваат поради тековните инспекциски постапки и дополнителните проверки.
Министерот Бесар Дурмиши порача дека нема да се толерираат практики на штета на граѓаните и најави примена на сите законски механизми, вклучително и можноста за затворање на финансиските друштва доколку не постапат согласно издадените решенија. Од инспекторатот најавија проверки и во банкарскиот сектор во однос на наплатата на банкарските провизии.


