Самитот на ЕУ „заглави“ меѓу буџетот и милијардите за Украина

Објавено:

Новиот седумгодишен буџет од 2028 до 2034 година и финансирањето на Украина за следната година доминираат на дводневниот вонреден состанок на лидерите на 27-те земји членки на Европската Унија, а главниот спор се води околу износот на буџетот.

Основа за расправата е предлогот на преговарачката рамка што на 21 ноември го претстави претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта. Тој предложи повеќегодишен буџет на ЕУ помал за 10 проценти, односно за 204 милијарди евра во споредба со предлогот на Европската комисија (ЕК).

Во нов обид за пронаоѓање компромис за буџетот на ЕУ меѓу 27-те длабоко поделени држави членки, Кошта предложи Повеќегодишната финансиска рамка (ПФР) за периодот од 2028 до 2034 година да изнесува 1,78 билиони евра, додека Комисијата во јули минатата година предложи 1,98 билиони евра. За да се намалат директните придонеси на земјите членки, Кошта предлага и нови сопствени приходи од 60 милијарди евра годишно, вклучувајќи дигитален данок на приходите на големите технолошки компании.

Денеска во Брисел не можеа да се слушнат позитивни, ниту оптимистички пораки, јавуваат медиумите. Напротив, сите настапуваат мошне решително, со максималистички барања, и не покажуваат волја дека се подготвени да прифатат компромис или да попуштат.

На пример, италијанската премиерка Џорџа Мелони порача: „Светлосни години нè делат од договор за новиот буџет и нам не ни се брза“, додека унгарскиот премиер Петер Маѓар вели дека на овој состанок нема апсолутно никакви шанси да се постигне договор.

Поради ваквиот неконструктивен пристап, можно е овој дводневен состанок да трае и пократко, па дури и воопшто да не продолжи утре. Ваквите принципиелни, односно максималистички барања и пристапи се дел од преговарачката тактика, бидејќи никој не сака лесно да попушти и прерано да се согласи на каков било компромис.

Во тек се состаноци во помал формат, јавува ХРТ. Прво претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, повторно им го претстави својот преговарачки предлог на лидерите, а потоа продолжија состаноците во помали групи – „пријателите на кохезијата“ и „штедливите земји“. Кошта потоа одделно се состана со секоја од тие групи, по што продолжија разговорите во помали, мешани групи. Сè би можело да потрае до по полноќ, кога Кошта повторно ќе ги собере сите лидери за да види до каде стигнале и дали воопшто има смисла разговорите да продолжат утре.

Европа се соочува со огромни предизвици и потребен ѝ е модерен буџет насочен кон безбедноста и силната економија, е одговорот на таканаречените „штедливи земји“, инаку главни нето-уплатувачи во буџетот на Унијата.

„Досегашните предлози не даваат основа за постигнување договор. Финансискиот товар и натаму е преголем. Впрочем, државите членки мора да можат да си дозволат да го платат сето тоа“, изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц.

Втората голема тема е заемот за Украина од 45 милијарди евра, кој би се финансирал преку заедничко задолжување. Но, Словачка, Унгарија и Чешка бараат да бидат изземени од плаќањето, додека останатите земји што се подготвени да плаќаат истакнуваат дека изземања не смее да има. Германија предупредува дека на Украина ѝ е потребна помош во текот на зимата.

„Никому во Европа не му се во интерес нови бранови бегалци од Украина, кои би следувале доколку оваа војна не заврши. Да сториме сè за да ја завршиме и да вложиме напори да им помогнеме на Украинците“, рече Мерц.

По нападот на Киев врз два руски брода во Либија, Италија предупредува дека војната не смее да се шири.

„Ја знаете мојата и италијанската поддршка за Украина. Но, војната не би требало да се прошири на Средоземјето. Мора да сториме сè за да продолжиме да ѝ помагаме на Украина во одбраната, но исто така мора да ги штитиме сопствените граници и граѓани“, порача италијанската премиерка Џорџа Мелони.

Засега е договорено новото раководство на Европската централна банка — откако Кристин Лагард ќе отстапи од функцијата претседателка, а ќе ја наследи Шпанецот Пабло Ернандез де Кос.