Лидерите на земјите членки на Европската унија денеска ќе се соберат на дводневен вонреден самит, на кој ќе се обидат да ги приближат ставовите за Повеќегодишната финансиска рамка за следниот седумгодишен период, како и да разговараат за финансирањето на Украина во следната година.
Основа за дискусијата ќе биде предлогот за преговарачка рамка што на 21 ноември го претстави претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
Тој предложи повеќегодишниот буџет на ЕУ да биде за 10 проценти, односно за 204 милијарди евра, помал од предлогот на Европската комисија (ЕК).
Во новиот обид да се најде компромис за буџетот на ЕУ меѓу 27-те земји членки, кои се длабоко поделени по ова прашање, Кошта предложи рамката за периодот од 2028 до 2034 година да изнесува 1,78 билиони евра. Европската комисија во јули минатата година предложи буџет од 1,98 билиони евра.
За да се намалат директните придонеси на земјите членки, Кошта предлага и нови сопствени приходи од 60 милијарди евра годишно, вклучително и дигитален данок на приходите на големите технолошки компании.
Лидерите на ЕУ ќе разговараат и за финансирањето на Украина во следната година.
Европската комисија минатата недела предложи нов заем од 45 милијарди евра за покривање на потребите на Украина во следната година. Заемот е наменет за покривање на буџетскиот дефицит, кој Украина го проценува на околу 70 милијарди евра. Европската унија се обврза да покрие две третини од тој износ, додека сојузничките земји треба да придонесат со преостанатите 25 милијарди евра.
Европската унија претходно одобри заем од 90 милијарди евра за Украина за оваа и следната година, но се покажа дека тоа нема да биде доволно. Каматите на заемот солидарно ќе ги плаќаат земјите членки, додека главнината Украина треба да ја врати само доколку и кога Русија ќе исплати отштета за разурнувањата што ги предизвикала.
Унгарија, Словачка, Чешка и Бугарија најавија дека не сакаат да учествуваат во трошоците за тој заем, додека германскиот канцелар Фридрих Мерц ја услови поддршката за новата рамка со заедничко учество на сите 27 земји членки во покривањето на финансискиот недостиг на Украина за 2027 година.
Во писмото до Кошта на почетокот на ноември, Мерц порача дека нема да го поддржи новиот седумгодишен буџет без претходен договор за финансирањето на Украина.


